logo
logo
logo

Полицајци во САД пукале во автомобил и убиле едногодишно бебе, обвинителката смета дека било оправдано (ВИДЕО)

Vecer | 21.10.2026

Полицајци во САД пукале во автомобил и убиле едногодишно бебе, обвинителката смета дека било оправдано (ВИДЕО)

Коен Вајли беше убиен во јуни додека седел во скутот на неговата мајка. Полицијата тврди дека возачот го возел автомобилот кон полицајците, пишува Би-Би-Си.

Пукање по пријава за кражба

На 14 јуни, полицијата била повикана во продавницата „Волмарт“ во Сенатобија за пријава за кражба на пелени и детска облека. Според Бирото за истраги на Мисисипи, полицајците пронашле две жени и едно бебе како се приближуваат кон автомобил на паркингот. Тие се обиделе да го запрат возилото, но според официјалната верзија, тоа тргнало кон еден од полицајците и речиси го погодило.

Потоа еден полицаец отворил оган. Куршумот го уби момчето и сериозно ја повреди жената-возач, Латоја Ферел.

Мајката на Коен, Велесија Вајли, која седела на совозачкото седиште со своето дете во скутот, негира дека таа или Ферел украле нешто. Таа рече дека го држела својот син кренат за полицајците да можат да го видат непосредно пред да биде застрелан. Не се поднесени кривични пријави против ниту една жена.

Спорна одлука на обвинителството

Државната обвинителка Лин Фич го објави заклучокот од истрагата во кратка изјава во понеделник. „Во овој инцидент, канцеларијата на државниот обвинител утврди дека употребата на сила била оправдана“, напиша таа. Полицијата не ги објави снимките од пукањето, ниту оние од камерите што ги носеле полицајците на нивните униформи, ниту снимките од камерите за надзор од паркингот. Сепак, некои беа протечени на интернет, според кои се гледа дека полицајците пукаат во автомобил што бега од нив.

Адвокатот на семејството Вајли, Бенџамин Крамп, се спротивстави на одлуката на обвинителот. „Како некој може да прифати таков заклучок додека на семејството на Коен и на јавноста сè уште не им е дозволено да ги видат снимките од полициските камери?“, рече Крамп. „Ако видеата ја потврдат одлуката на државата, објавете ги. Нема да се откажеме од борбата додека ова семејство не ја дознае вистината“, рече тој.

Мартин Зумах, адвокатот на полицаецот што пукаше, за Асошиејтед прес изјави дека возачот „се обидел да го убие“ неговиот клиент. „Тој немаше друг избор освен да пука“, рече Зумах.

Смртта на момчето се случи на американскиот празник Џунтинти, кој го означува крајот на ропството, што предизвика протести во Сенатобија. Демонстрантите тврдат дека расата играла улога во полициските акции. Коен и двете жени во автомобилот се црнци, додека полицаецот кој пукал наводно е бел, како и државниот обвинител. Минатиот месец, градот го отпушти својот началник на полицијата, кој е бел, откако еден весник откри негови СМС-пораки во кои тој постојано користел расни навреди.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk