Силно невреме со пороен ветер и грмежи ги погоди делови од Германија и Франција, при што има загинати и повредени, а зад себе невремето остави и голема материјална штета. Силниот ветер корнел дрвја, оштетувал објекти и на повеќе места урнал цели покриви, додека во Германија е регистрирано и торнадо. Во Франција, три департмани на југоистокот – Ардеш, Дром и Изер – од денеска од 15 часот се ставени на портокалово ниво на предупредување поради опасност од силни грмежи и невреме, соопшти француската метеоролошка служба.
По вчерашните високи температури, се очекува период на нестабилно време со интензивни врнежи во кратки временски интервали. Корзика од утре во 6 часот исто така ќе биде под портокалово предупредување поради грмежи, со можност за локално силни налети на ветер и обилни врнежи.
Во Германија последиците од невремето се посериозни. Во Валдорф, во покраината Рајнланд-Пфалц, 58-годишна жена загинала откако дрво, откорнато од силниот ветер, паднало врз наткриен простор каде што се засолнила заедно со уште една жена. Другата жена била тешко повредена и пренесена во болница.
Во Вестервaлд биле оштетени најмалку две згради, а силниот ветер носел делови од фасади и други предмети. Во Хесен се пријавени оштетувања на околу 60 куќи, а од некои објекти биле откорнати цели покриви.
Во Солмс, според полицијата, најверојатно торнадо однело покриви од повеќе куќи, од кои дел станале непогодни за живеење. Во Лаубах, паднато дрво оштетило резервоар за гас, поради што било евакуирано подрачје во радиус од 200 метри.
Во Алтенбојтен, гром најверојатно предизвикал пожар на покривот на куќа, додека во текот на ноќта службите добиле голем број повици поради паднати дрвја и поплавени подруми.
Торнадо е потврдено и во Фирстенвалде во покраината Бранденбург, соопшти германската метеоролошка служба. Таму се регистрирани паднати дрвја и оштетувања на објекти, меѓу кои и најмалку еден откорнат покрив. Засега нема информации за повредени лица.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата