Екс претседателот на венецуела, Николас Мадуро и неговата сопруга повторно се појавуваат пред судот во Њујорк по обвиненија за трговија со дрога. Предложено е судењето на поранешниот претседател на Венецуела да започне во јуни 2027 година.
Поранешниот венецуелски претседател Николас Мадуро повторно ќе се појави пред судот во Њујорк; ова ќе биде негово трето рочиште по апсењето во јануари.
Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес, кои се наоѓаат во притвор во Бруклин, се обвинети за трговија со дрога, поседување оружје и други кривични дела. Двајцата се изјаснија дека не се виновни, пренесува „Еуроњуз“.
Во судски поднесок доставен доцна во вторникот вечерта, обвинителството и одбраната заеднички предложија судењето да започне во јуни 2027 година. Се очекува судијата Алвин Хелерстајн да го потврди тој датум на процедуралното рочиште во среда.
Доколку поротата ги прогласи за виновни за учество во организирање шверц на кокаин во САД, на Мадуро и Флорес им се заканува доживотен затвор.

Обвинителите тврдат дека Мадуро се договарал со венецуелски полициски службеници за да им помогне на нарко-картелите да шверцуваат илјадници тони кокаин во САД. Адвокатот на Мадуро, Бери Полак, најави дека ќе ја оспори законитоста на апсењето, кое го нарече „воено киднапирање“.
Одбраната истакна дека постојат сложени правни прашања што мора да се решат пред почетокот на судењето. Досега, Мадуро и Флорес не побарале пуштање со кауција.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата