Иран почна да дозволува одредени кинески бродови да минуваат низ Ормускиот теснец откако постигна договор за иранските правила што го регулираат водниот пат, објави денеска полуофицијалната новинска агенција Фарс, повикувајќи се на упатен извор.
Извештајот на агенцијата Фарс беше објавен кога американскиот претседател Доналд Трамп, кој е во државна посета на Кина, постигна договор со кинескиот претседател Си Џинпинг дека Ормускиот теснец мора да остане отворен за слободен проток на енергија.
Изворот за Фарс изјави дека одлуката е донесена по барањата на кинескиот министер за надворешни работи и кинескиот амбасадор во Иран, при што Техеран се согласил да го олесни преминувањето на одреден број кинески бродови во согласност со стратешкото партнерство на двете земји.
Блокада на пристаништата
По почетокот на американските и израелските напади на 28 февруари, Иран значително го ограничи сообраќајот низ Ормускиот теснец. Американската блокада на иранските пристаништа, воведена неколку дена по договореното примирје на почетокот на април, ја продолжи кризата на водниот пат низ кој минува една петтина од светскиот сообраќај на нафта и природен гас.
Не беше веднаш јасно до кој степен овој потег ќе ја промени ситуацијата на терен, со оглед на тоа што Иран веќе за време на војната посочи дека неутралните бродови, особено оние поврзани со Кина, можат да поминат низ теснецот доколку се координираат со иранските вооружени сили.
Податоците од следењето на бродовите покажаа дека кинески супертанкер што превезувал два милиони барели ирачка сурова нафта поминал низ Ормутскиот теснец во среда откако бил блокиран во Персискиот Залив повеќе од два месеци поради американско-иранската војна.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата