Иран осуди белгиски хуманитарец на 40 години затвор и 74 УДАРИ СО КАМШИК

Vecer | 11.01.2023

Иран осуди белгиски хуманитарец на 40 години затвор и 74 УДАРИ СО КАМШИК
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Белгиски државјанин е осуден во Иран на 40 години затвор и 74 удари со камшик за шпионажа, обвинение кое Брисел го отфрла.

Казната изречена на хуманитарецот Оливие Вандекастиле, како што јави полуофицијалната агенција Тасним, е потешка од онаа што ја објави Белгија во декември, тврдејќи дека добил 28 години затвор.

Вандекастиле беше осуден по четири точки од обвинението, вклучувајќи шпионажа против Иран, соработка со САД, криумчарење и перење пари, според Тасним.

Вандекастиле беше уапсен за време на посетата на Иран во февруари. Тој ги негира сите обвиненија и има право на жалба на пресудата. Белгискиот министер за надворешни работи Хаџа Лахбиб на Твитер го осуди неговото „произволно апсење“ и најави дека иранскиот амбасадор во Брисел ќе биде повикан на разговор во знак на протест против пресудата.

„Семејството е уништено од веста“, рече Оливие Ван Штајртегем, најдобриот пријател на Вандекастиле и портпарол на семејството.

„Оливие е жртва, заложник“, рече тој, додавајќи дека белгиската влада ќе направи се што може за да го ослободи.

Во декември, белгискиот министер за правда рече дека Вандекастиле е во затвор „за фабрикувана серија злосторства“ и тврдеше дека е осуден како одмазда за 20-годишната затворска казна изречена на ирански дипломат од белгиските судови во 2021 година.

Асадолах Асади беше прогласен за виновен за обид за тероризам по неуспешниот заговор за бомбардирање на собир на Националниот совет на отпорот на Иран, група Иранци во егзил кои се спротивставуваат на Исламската Република, во близина на Париз во јуни 2018 година.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk