Густ облак од чад се појави над градот Газа неколку часа откако од Хамас беше најавена подготвеност да се прифати последниот предлог за примирје. Од групата додадоа дека се неопходни дополнителни разговори за конечната реализација на договорот.
Сè уште не е јасно дали ова значи дека целосно е прифатено предложеното двомесечно примирје, кое евентуално би ја завршило војната што трае скоро две години.
Хамас бара гаранции дека почетното примирје ќе води кон постојано запирање на воените дејствија. Американскиот претседател Доналд Трамп вложува напори за постигнување договор, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е најавено дека следната недела ќе ја посети Белата куќа, каде примирјето ќе биде главна тема на разговорите.
Ситуацијата на теренот останува исклучително тешка. Министерството за здравство во Газа соопшти дека при последните израелски воздушни удари се убиени 15 Палестинци, а болнички извештаи посочуваат дека уште 20 лица го загубиле животот при обид да добијат хуманитарна помош.
Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации објави дека во изминатиот месец 613 Палестинци загинале обидувајќи се да се снабдат со храна – најголемиот дел од нив на пунктови што ги поддржуваат САД и Израел, како и пред камиони со помош на ОН и други организации.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата