Остатоците од германската подморница U-672, потопена во 1944 година крај брегот на англискиот округ Девон, се идентификувани по повеќе од 8 децении.
Неправилно евидентираните координати во дневниците на британската морнарица доведоа до тоа нејзината локација да остане непозната долго време, пишува BBC.
Остатоците, кои се наоѓаат на длабочина од 70 метри, на околу 32 километри од брегот на Солком, долго време се сметаше за едрилица од Првата светска војна. Сепак, во јули и август, нуркачи од Портланд и групата Gasperados од Плимут утврдија дека станува збор за германска подморница.
Подеталната истрага откри карактеристични делови од пловилото, што потврди дека станува збор за подморницата U-672, која исчезнала во јули 1944 година по битка со британски воен брод.
Меѓу клучните индиции беа шнорхел, систем што ѝ овозможува на подморницата да вдишува воздух од површината додека е под вода, како и остатоци од германска радарска опрема.
„Кога почнавме да ја обиколуваме и почнав да гледам поединечни делови, како што се шнорхелот и конинг кулата, знаев дека ќе ја добиеме видео-снимката што ни беше потребна за идентификација“, рече Доминик Робинсон, нуркач од Gasperados.
Неточните координати го отежнале пребарувањето
Мистеријата за точната локација на подморницата трае повеќе од 8 децении поради грешка во воените записи. Според историчарот Аксел Нистл, британската морнарица внела погрешни координати во својот дневник, 74 километри оддалеченост од вистинското место на потонувањето.
По нападот од страна на британски воен брод, подморницата почнала да се полни со вода. Нејзиниот командант, Улф Лавец, ја одложил одлуката колку што можел подолго, а потоа решил да ги испразни резервоарите и да излезе на површината, за да му даде шанса на екипажот да избега.
Сите 52 члена на екипажот го преживеале нападот. Екипажот намерно ја потопил оштетената подморница и скокнал во чамци за спасување. Британски авиони и бродови ги пронашле следниот ден, по што морнарите биле префрлени во логор за воени заробеници.
Окритието повторно ги поврзува остатоците со семејството на командантот
Откако беше објавена веста за идентификацијата на остатоците, семејството на командантот Лавек ги контактираше нуркачите. Членовите на семејството им покажаа мала нумерирана табличка од подморницата, која командантот, како што рекоа, ја чувал до крајот на својот живот.
Ваквите откритија можат да донесат нови сознанија за воената историја, но исто така можат повторно да ги поврзат семејствата со настани за кои знаат со децении само од приказни и документи.
„Потоа се појавува нечие семејство и одеднаш се сеќавате дека зад сето ова стојат вистински луѓе“, заклучи Робинсон.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата