Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго однесе 2.325 животи, со што го надмина бројот на жртви од епидемијата од 2018–2020 година и стана најсмртоносната во историјата на земјата, покажаа најновите владини податоци.
Институтот за јавно здравје на Конго во својот најнов извештај соопшти дека бројот на потврдени случаи пораснал на 4.945, вклучувајќи 101 нов случај откриен во претходните 24 часа, пренесува „Ројтерс“.
Тековната епидемија е предизвикана од видот на ебола Бундибугио, за кој нема одобрени вакцини или третмани.
Епидемијата доби на замав откако беше прогласена на 15 мај, бидејќи слабата здравствена инфраструктура, отпорот на заедницата и нестабилноста ги попречуваат напорите за идентификување и реагирање на случаите.
Уделот на луѓе кои умираат од епидемијата на ебола по потврдена инфекција, познат како стапка на смртност на случаите, порасна од околу 20 проценти на почетокот на јуни на 46 проценти, според владините податоци, што значи дека речиси еден од секои два потврдени случаи сега е фатален.
Експертите велат дека овој тренд не укажува на тоа дека вирусот станал смртоносен, наведува „Ројтерс“.
Епидемијата претходно се прошири и во соседна Уганда, но властите таму успеаја да го ограничат бројот на смртни случаи на два и на потврдени случаи на 20, пред минатиот месец да прогласат крај на епидемијата во таа земја.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата