Холандскиот крузер „МВ Хондиус“, на кој е регистрирано ширење на хантавирус, се очекува во наредните три до четири дена да пристигне на Канарските Острови. Шпанското Министерство за здравство веќе подготвува обемен план за евакуација и медицинско згрижување на сите 149 лица кои се наоѓаат на бродот, а кои доаѓаат од 23 различни земји. Состојбата е особено критична за двајца членови на екипажот, меѓу кои е и бродскиот лекар, за кои е потребен итен транспорт со медицински авион. Дополнително, се планира евакуација на уште едно лице поврзано со починатиот германски државјанин, додека властите ги утврдуваат приоритетите за интервенција.
Претходно, бродот бил закотвен кај Зеленортските Острови, но таму не било можно да се спроведе целосна медицинска операција. Трагичниот биланс од почетокот на патувањето, кое тргнало од Аргентина пред еден месец, вклучува тројца починати патници. Досега се евидентирани вкупно седум случаи на хантавирус, од кои два се лабораториски потврдени, додека останатите пет се водат како сомнителни. Сите патници и членови на екипажот во моментов се наоѓаат под строги превентивни мерки.
Операторот на бродот најави дека пристанувањето најверојатно ќе биде во пристаништата на Гран Канарија или Тенерифе, бидејќи овие локации располагаат со соодветни здравствени капацитети за вакви кризи. Веднаш по пристигнувањето ќе бидат спроведени детални медицински прегледи, а на патниците ќе им биде пружена неопходната нега пред да започнат со процесот на враќање во своите матични земји. За да се спречи какво било ширење на инфекцијата, контактот со локалното население ќе биде строго ограничен, а сите активности ќе се одвиваат во посебно организирани услови со цел да се заштитат здравствените работници.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата