Новите тензии меѓу Западот и Москва се засилуваат по наводниот напад со дронови врз аеродромот во Лајпциг, за кој Германија ја обвини Русија. Шефовите на НАТО и Европската комисија, Марк Руте и Урсула фон дер Лајен, оценија дека Русија станува сe понеодговорна и најавија дека ЕУ и НАТО ќе одговорат на, како што ја нарекоа, „новата нормалност“. Во меѓувреме, земјите членки на ЕУ застанаа зад Германија и ја поддржаа нејзината позиција.
„Лајпциг означува нова ескалација на територијата на Европската Унија директно припишана на Русија. Мораме да се засилиме, а тоа значи да бидеме подготвени побрзо и подобро да одговориме на неодговорноста на Русија“, изјави Фон дер Лајен.
Руте рече дека целиот воен сојуз е во целосна солидарност со Германија.
Русија ги отфрли германските обвинувања. Дронот, кој носел експлозив, бил деактивиран од робот на аеродромот, а се смета дека второ беспилотно летало се судрило со друг товарен авион. Уште еден дрон наводно бил пронајден 10 дена подоцна на аеродромот, кој е важен центар на НАТО и редовно го користат украинските транспортни авиони.
Германската влада вчера соопшти дека полициските истраги и разузнавачките наоди докажале дека Русија стои зад инцидентите. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул притоа рече дека ќе нареди затворање на рускиот конзулат во Бон и ќе биде раскинат договорот за Руската куќа во Берлин.
Владимир Путин ги опиша мерките на Германија како сериозна грешка и побара докази за обвинувањата.
Германија кажа дека се идентификувани двајца осомничени за нападот во Лајпциг: Белорусин со руски пасош, кој влегол со туристичка виза и друг со латвиски и руски пасош, кој пристигнал со авион во Берлин и заминал два дена пред неуспешниот напад.
Запрашан дали Москва би била подготвена да ги прекине односите со Берлин, рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко рече „можеби“, но дека засега ќе ѝ даде шанса на дипломатијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата