Американските и азиските технолошки компании изгубија стотици милијарди долари пазарна вредност поради остриот пад на берзите, откако резултатите од изборите за Конгресот во САД предизвикаа загриженост за можно забавување на развојот на вештачката интелигенција (ВИ) објави Ројтерс.
Американските и азиските берзи доживеаја еден од најлошите денови во последните години, проследен со масовна распродажба на технолошките акции. Индексот S&P 500 падна за 4,4 проценти, Dow Jones потона за над 1.800 поени, додека Nasdaq одбележа пад од 5,5 проценти. Бранот паника веднаш се прелеа и на азиските пазари, каде што јапонскиот Nikkei падна за 6%, а јужнокорејскиот Kospi потона за над 8,5%, поради што на берзата во Сеул мораше автоматски да се активира привремено запирање на тргувањето („прекинувач“).
Главната причина за бранoт незадоволство на пазарите се изборните резултати во САД, каде што Демократската партија освои мнозинство во двата дома на Конгресот. Демократите водеа кампања за ограничување и забавување на изградбата на инфраструктура за вештачка интелигенција и центри за податоци. Дополнителен притисок врз инвеститорите создаде и загриженоста дали огромните вложувања во AI секторот воопшто ќе го донесат очекуваниот профит, што доведе до драстичен пад на акциите на гигантите за чипови како Samsung, TSMC, SK Hynix и Kioxia.
Поводот за берзанскиот пад предизвика и брза реакција од американскиот претседател Доналд Трамп. Тој преку социјалните мрежи упати директни обвинувања до гласачите и опозицијата, порачувајќи дека берзата доживеала колапс токму поради изборниот резултат и победата на демократите, но порача дека Америка на крајот ќе излезе уште посилна.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата