logo
logo
logo

КУБА МЕЃУ ТОТАЛНИОТ КОЛАПС И ОПСТАНОКОТ: Што следува за островот?

Vecer | 04.08.2026

КУБА МЕЃУ ТОТАЛНИОТ КОЛАПС И ОПСТАНОКОТ: Што следува за островот?

Кубанската електрична мрежа се прекина во неделата и островот повторно потона во мрак. Ова е еден во низата целосни колапси на кубанскиот електроенергетски систем откако САД воведоа енергетско ембарго кое ги запре редовните испораки на гориво за електраните.

Покрај тоа, американскиот државен секретар Марко Рубио неодамна најави нов круг санкции, овојпат насочени против девет компании и двајца високи функционери поврзани со енергетскиот сектор.

Станува збор за продолжување на притисокот што трае од јануари, откако американските сили го заробија венцуелскиот претседател Николас Мадуро и презедоа контрола врз венцуелската нафта ‒ долгогодишниот енергетски потпорник на Куба.

Претседателот Доналд Трамп тогаш најави дека Куба „едноставно ќе падне“, а при крајот на јануари потпиша извршна наредба со која се заканува со царини за земјите што ѝ испорачуваат нафта на Куба, со што ефикасно беше запечатена блокадата. Според проценките, мерките го намалија приливот на нафта на островот за 80 до 90 проценти.

Колективна казна

Рубио ја отфрли тезата дека американската администрација сака промена на власта во Хавана до крајот на 2026 година, но потврди дека целта останува иста ‒ Куба во која нејзините граѓани ќе можат да доживеат благосостојба „како Кубанците кои успеваат да го остварат тоа насекаде кога ќе ја напуштат Куба“.

Тој додаде дека геополитиката „не е мини-серија од три епизоди“, туку долготраен процес. Трамп, пак, на 16 јули изјави дека „многу работи ќе се случат во Куба во следните два месеци“, што коментаторите го протолкуваа како можна најава за акција слична на онаа во Венецуела. Државниот секретаријат во средината на јули објави и опсежен извештај кој ја опишува Куба како закана за националната безбедност на САД, тврдејќи дека островот со децении поддржува движења како Black Lives Matter и Демократските социјалисти на Америка.

Демократската пратеничка Делија Рамирез, која неодамна го посети островот, го оцени извештајот како обид за оправдување на можна воена акција, тврдејќи дека не видела докази оти Куба претставува егзистенцијална закана за САД. Републиканскиот сенатор Рик Скот од Флорида, од друга страна, ја повтори својата прогноза дека кубанскиот режим ќе падне, „можеби оваа, можеби следната година, но неминовно ќе падне“.

Кубанското раководство кризата ја нарекува облик на колективна казна.

Претседателот Мигел Дијаз-Канел на крајот на јули за снемувањето струја порача дека за објаснување треба да им се обратат на „северните соседи“, додека по еден од колапсите на системот ја опиша кризата како последица на „геноцидна нафтена блокада“.

Економијата во слободен пад

Министерот за надворешни работи Бруно Родригез Париља на седницата на Генералното собрание на ОН на 7 јули, свикана на кубанско барање, порача дека „Куба не е закана, туку блокадата е“.

Собранието со 136 гласа за, девет против (вклучувајќи ги САД и Израел) и околу 30 воздржани повторно повика на укинување на ембаргото, исто како и 33 години по ред пред тоа. Група независни кубански економисти објави извештај според кој кубанскиот БДП во 2025 година бил за 15 проценти понизок отколку во 2018 година, додека инвестициите чинат едвај 7 проценти од БДП, значително под латиноамериканскиот просек од околу 19 проценти. Надворешниот долг се проценува на околу 29,3 милијарди долари, што надминува 130 проценти од БДП. Економистот Павел Видал вели дека економијата е во слободен пад откако е воведена нафтената блокада.

Во самата Куба незадоволството расте, тврдат кубанските организации кои делуваат во Америка. Наведуваат дека во јуни имало 107 улични протести ширум островот, најмногу во историјата, од кои 82 само во Хавана, а протестите со тропање во тенџериња и тави продолжиле и во јули.

И покрај тоа, помасовна непослушност нема; жителите зборуваат за стравот од затвор како главна причина за воздржаноста.

Постепена ерозија

Водечките центри за анализа на надворешната политика се воздржани кон предвидувањата за брз распад на кубанската власт. Истражувачите од Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS) во анализата на можните американскивоени опции проценуваат дека, следејќи го образецот применет во Иран, директната воена акција најверојатно би предизвикала цврст одговор предводен од Комунистичката партија, Револуционерните вооружени сили и воено-економскиот конгломерат GAESA, а не брз колапс на системот.

Списанието Americas Quarterly во опсежна анализа на четирите можни сценарија заклучува дека најверојатен исход всушност е изостанокот на драматичен пресврт, туку продолжен период на „наведувано пропаѓање“ ‒ продолжување на економскиот пад, трајна емиграција, повремени немири и засилена репресија, со зачувана кохезија на режимот благодарение на поддршката од армијата и безбедносниот апарат. Авторите предупредуваат дека историјата сугерира претпазливост кон предвидувањата за скорешна трансформација, бидејќи кубанскиот систем повеќепати докажа изразена способност за преживување во неповолни околности.

Пазарот за предвидувања Polymarket, кој ја одразува збирната проценка на инвеститорите, моментално го проценува падот на кубанскиот режим до крајот на 2026 година на 35 проценти веројатност.

Сите три извори, и покрај различните методологии, го делат заклучокот дека постепената ерозија е значително поверојатно сценарио од нагол слом во следните неколку месеци, но и дека ризикот од ескалација расте доколку Вашингтон одлучи да премине од економски кон подиректен, воен облик на притисок.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk