Украина речиси еден месец чека американскиот министер за одбрана Пит Хегсет да одобри испорака на клучни ракети, изјави денеска претседателот Володимир Зеленски, додека Русија ги интензивира нападите врз енергетската и цивилната инфраструктура, објавија украинските медиуми.
„Поточно, речиси еден месец чекаме г-дин Хегсет да одобри испорака на ракети за системите „Патриот“ и „НАСАМС“. Му наложив на нашиот тим повторно да го покрене прашањето со американската страна“, напиша Зеленски на социјалната мрежа „Икс“.
Украинскиот претседател постојано ги повикува Соединетите Американски Држави, кои испорачуваат ракети купени со средства од сојузниците на НАТО во рамките на програмата позната како PURL, да ги забрзаат испораките пред зимата.
Минатата недела, американскиот државен секретар Марко Рубио призна дека една пратка пресретнувачки ракети можеби не е испорачана, но рече дека доцнењето не е поради политички причини.
Доцнењето во испораката на ракетите дополнително ги затегнува односите меѓу Украина и САД, откако претседателот Доналд Трамп објави договор за дизел гориво со Русија и го критикуваше Зеленски за неподготвеноста на Украина да ги запре нападите врз руските рафинерии.
Украина објави дека во текот на изминатите неколку недели имало прекини во добивањето американски разузнавачки информации за руските ракетни напади. Исто така, се наведува дека работењето на воената верзија на „Старлинк“ било ограничено со денови, што ги попречувало воените операции и воздушната одбрана.
Ројтерс објави дека наредбата за ограничување на работењето на системот „Старсхилд“ дошла од Белата куќа. И Илон Маск, и американските претставници јавно тврдеа дека одлуката за ограничување на работењето на „Старлинк“ и „Старсхилд“ можела да биде донесена исклучиво од друга страна.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата