Американскиот државен секретар Марко Рубио нареди иранската делегација што присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации веднаш да ги напушти САД, соопштија американски претставници, што Иранската мисија при Обединетите нации го демантираше.
„Секретарот Рубио ја отстрани иранската делегација бидејќи го пречекорија дозволеното време за престој. Работата на Генералното собрание на Обединетите нации беше завршена, па беше време тие да си заминат“, изјави еден функционер за „Фокс њуз“. Иранската дипломатска делегација пристигна во Њујорк на 22 септември за да учествува на годишниот самит, а за време на престојот одржа разговори со американскиот тим на маргините на собирот.
Иранската мисија при Обединетите нации ги демантираше извештаите дека преговарачкиот тим на земјата бил протеран од Њујорк по налог на Стејт департментот на САД, наведувајќи дека членовите на делегацијата ги напуштиле САД според претходно утврден план.
Иранската мисија соопшти дека Стејт департментот бил однапред известен за планот за патување на делегацијата и ги оцени како неосновани тврдењата за нејзино протерување од САД, пренесе порталот „Уфук“.
Реакцијата уследи откако „Аксиос“ (Axios), повикувајќи се на американски функционер и извор од Стејт департментот, објави дека иранската делегација ја напуштила земјата по барање на американските власти. Иранската мисија го отфрли извештајот и го обвини американскиот Стејт департмент за ширење „лажни информации“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата