Потрошувачката на електрична енергија во центрите за податоци во Германија силно ќе расте во наредните години поради брзиот развој на вештачката интелигенција, проценува индустриското здружение „Битком“. Центрите за податоци и помалите ИТ-капацитети во Германија ќе потрошат околу 23 терават-часови електрична енергија оваа година. Ова одговара на вкупната годишна потрошувачка на приближно 6,5 милиони домаќинства, според истражувањето на „Битком“ објавено вчера.
До 2030 година, потрошувачката треба да се зголеми на 35 до 38 терават-часови, а до 2035 година би можела да достигне помеѓу 56 и 70 терават-часови, пресмета „Битком“. Норвешкиот орган за водни ресурси и енергија (NVE) неодамна процени дека потрошувачката на електрична енергија во центрите за податоци би можела да се зголеми од сегашните три до четири терават-часови годишно на 25 терават-часови до 2035 година, со ограничени можности за зголемување на производствениот капацитет.
Предупредување за проблеми со електричната мрежа
Германското здружение предупредува дека развојот на земјата како центар за дигиталната индустрија би можел да биде забавен од недоволниот капацитет на електричната мрежа и од долгите процедури за лиценцирање. „Секој што ќе заостане во изградбата на инфраструктурата, брзо ќе заостане и во областа на вештачката интелигенција“, рече претседателот на „Битком“, Ралф Винтергерст, на Дигиталниот самит во Берлин.
За да ѝ се помогне на Германија да биде во чекор со меѓународната конкуренција, здружението повика на целно намалување на трошоците за електрична енергија и за забрзување на процесите на планирање. Килијан Вагнер, раководител за одржлива дигитална инфраструктура во „Битком“, предупреди дека компаниите нема да се откажат од дигиталната трансформација и граѓаните нема да престанат да користат дигитални услуги доколку Германија нема доволно центри за податоци.
Наместо тоа, Германија ќе стане уште позависна од странските земји, а компаниите ќе градат центри за податоци во странство, смета Вагнер.
Колку вода користат центрите за податоци?
Здружението, исто така, се осврна на загриженоста за високата потрошувачка на вода во современите центри за податоци. Според нивните податоци, две третини од центрите за податоци во Германија трошат не повеќе од еден децилитар вода на киловат-час електрична енергија. Центрите за податоци што користат ладење со испарување трошат најмногу вода, но таков систем се користи во приближно една третина од центрите за податоци во Германија, според „Битком“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата