ФРАНЦИЈА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА НОВ БРАН масовни протести низ земјата

Vecer | 05.11.2026

ФРАНЦИЈА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА НОВ БРАН масовни протести низ земјата

Стотици илјади граѓани денеска се очекува да излезат на протести низ Франција, додека вработените во јавниот сектор најавија штрајк поради високите трошоци за живот, состојбата во јавните служби и образованието. Француските власти ќе распоредат околу 70.000 полицајци за да спречат повторување на насилните немири од минатиот месец, пренесува „Ројтерс“.

Протестите ги организираат синдикатите, меѓу кои и левичарскиот ЦГТ, со поддршка од студентските здруженија. Според проценките на француските разузнавачки служби, само надвор од Париз на демонстрациите би можеле да учествуваат меѓу 500.000 и 700.000 луѓе.

Властите стравуваат од повторување на настаните од 17 октомври, кога за време на немирите беа ограбени и оштетени продавници и јавни објекти низ земјата.

„Исклучително сме внимателни бидејќи не доаѓа предвид повторно да го преживееме 17 октомври“, изјави портпаролката на владата, Мод Брежон.

Се очекува штрајкот да предизвика нарушувања во железничкиот и јавниот превоз, како и во образованието. Министерството за образование соопшти дека се очекува во штрајкот да учествуваат 17,5 отсто од наставниците во државните основни училишта. Приклучување најавија и синдикатите од енергетскиот сектор.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера одржа состанок посветен на одбраната и безбедноста, во обид да спречи нов бран насилство. Протестното движење, кое започна поради незадоволството на студентите од условите во образованието, прерасна во поширок предизвик за неговата влада, пет месеци пред претседателските избори.

Протестите минатата сабота главно поминаа мирно, со неколку помали судири, но политичките тензии во земјата остануваат високи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk