Американската поморска блокада го доведе Иран во тешка економска криза и го остави режимот во Техеран без средства за исплаќање на сопствените војници, порача американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за порталот „Аксиос“.
Според Трамп, финансискиот притисок врз Иран го менува текот на конфликтот, поради што Вашингтон во моментов преговара „само полувично“, без потреба од нови воени закани или ескалација.

„Го набљудуваме Иран со неговата огромна инфлација и фактот дека ги немаат потребните пари. Тие се наоѓаат во исклучително лоша економска состојба и немаат со што да ги платат своите војници“, изјави Трамп, додавајќи дека токму американската блокада дополнително ја драстично влошила кризата во земјата.
Коментирајќи го барањето на Иран за поставување нови услови околу поморскиот сообраќај низ Ормушкиот Проток и одложувањето на договорот со Оман, Трамп истакна дека Белата куќа не прави драма од тоа.
„Сè ќе заврши како што треба. Секогаш завршува така. Ова е како партија шах“, истакна тој, додавајќи дека американските граѓани не го чувствуваат товарот од кризата бидејќи цената на нафтата паднала на нешто повеќе од 75 долари по барел.
Според американски официјални лица за „Аксиос“, Трамп претходно размислувал за продолжување на големите воени операции, но бил убеден дека е подобро да ги намали тензиите. Проценките биле дека воените судири му овозможувале на иранскиот режим да го дефокусира вниманието, додека поморската блокада и економскиот колапс директно го погодуваат системот одвнатре.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата