Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес го отфрли барањето на Украина за прием во трансатлантската алијанса во овој момент.
На годишната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Берлин, тој изјави дека постои можност Украина да стане членка на Алијансата во иднина, но дека во моментов нема едногласност по ова прашање меѓу земјите-членки, објавува „Зидоче Цајтунг“.
„Само НАТО одлучува кој може да стане членка на НАТО“, рече Руте.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно повторно се залагаше за пристапување на неговата земја во НАТО. Тој процени дека членството во Алијансата би претставувало подобро решение за безбедноста на Европа отколку безбедносните гаранции кои само личат на клаузулата за заемна помош од член 5 од Северноатлантскиот договор.
Русија се спротивставува на влезот на Украина во НАТО, додека Алијансата во принцип одлучи дека Украина треба да стане нејзина членка.
Сепак, сè уште нема договор меѓу земјите-членки за тоа кога тоа би можело да се случи, а Соединетите Американски Држави се спротивставија на приемот на Украина во алијансата во последните години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата