Судот во Лос Анџелес го осуди 32-годишниот Швеѓанец кој раководеше со компанија базирана на брендот на Пабло Ескобар на четири години затвор. Неговата фирма продаваше „неуништливи“ златни телефони и фрлачи на пламен.
Олоф Кирос Густафсон, познат под надмиокот „Ел Силенсио“, исто така мора да им врати 1,3 милиони долари на купувачите кои платиле за неговите производи, пренесува The Telegraph.
Компанијата „Escobar Inc“, регистрирана во Порторико, беше основана во 2015 година од страна на Густафсон и Роберто Ескобар, поранешен сметководител и постар брат на познатиот наркобос. Фирмата ги поседуваше правата на ликот и наследството на покојниот колумбиски наркотерорист, познат како „кралот на кокаинот“.
Тие продаваа „некршлив“ златен телефон со фотографија од Пабло Ескобар на поледината, под името „Escobar Fold 1“, за цена од 349 долари. Роберто Ескобар тврдеше дека нивниот производ ќе го победи Apple, но наместо нарачаните телефони, фановите по пошта почнаа да добиваат само „сертификати за сопственост“. Дополнително, им било соопштено дека немаат право на поврат на парите. Неколку примероци од телефонот беа испратени до влијателни инфлуенсери за маркетиншки цели, но Густафсон подоцна призна дека станувало збор за обични телефони Samsung Galaxy Fold облепени со златна фолија.

Компанијата имаше уште еден производ, фрлач на пламен кој го рекламираа жени во бикини, по цена од 249 долари. Стануваше збор за копија на производ на Илон Маск и неговата позната шега „Not a Flamethrower“.
Сепак, компанијата тврдеше дека најбогатиот човек на светот им ја украл идејата, бидејќи инженер од Tesla го посетил нивниот комплекс две години порано. Тогаш, според нивните тврдења, разговарале за идејата за „играчка фрлач на пламен“, инспирирана од приказните на браќата Ескобар за палење пари за да се стоплат.
На прашањето дали Маск и Пабло Ескобар имаат нешто заедничко, Роберто Ескобар реагираше луто:
„Секако дека не. Илон Маск е личност која предавa луѓе. Пабло никогаш никогаш никогаш не предаде никого. Луѓето го предадоа него. Тоа беше нивна грешка и обично ги чинеше живот.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата