Најголемиот акционер на Фолксваген, Порше СЕ, бара од управата на германскиот автомобилски гигант итни чекори за зајакнување на конкурентноста. Компанијата се соочува со сè поголем притисок поради царините и продорот на кинеските производители, поради што драстичното намалување на трошоците и промената на стратегијата станаа клучни за зачувување на пазарната позиција. Фолксваген така се наоѓа пред веројатно најголемото преструктуирање во својата 89-годишна историја, пишува Еуроњуз.
Притисок од сопствениците
Холдингот Порше СЕ, преку кој семејствата Порше и Пиех го контролираат Фолксваген, поседува околу 31,9 отсто од сопственичкиот удел во компанијата. „Групацијата Фолксваген се наоѓа на клучна точка во својата историја. Одлуките што компанијата ќе ги донесе сега ќе ја дефинираат нејзината иднина. За доброто на компанијата и нејзината долгорочна конкурентност, сите мора да преземат одговорност“, се наведува во соопштението потпишано од Ханс Дитрих Печ, претседател на управата на Порше СЕ.
Печ истакна дека клучните одлуки мора да се донесат што е можно поскоро, бидејќи одложувањето само ќе ги влоши постојните проблеми. „Фокусот сега мора да биде исклучиво на она што е неопходно од деловна и економска перспектива. Сите други прашања се споредни“, додаде тој. Тоа вклучува намалување на вишокот производствени капацитети, значително забрзување на процесот на донесување одлуки и нивна примена, како и сериозно намалување на трошоците.
Ваквиот став укажува на тоа дека Фолксваген во следните месеци би можел да му посвети помалку внимание на работничките права и еколошките стандарди. Во центарот ќе бидат профитот и restrukturiranje-то за компанијата да се справи со конкуренцијата која го загрозува нејзиното долгорочно работење.
Фолксваген пред големо преструктуирање
Компанијата веќе потврди дека размислува за кратење до 100.000 работни места со цел подобрување на ниската профитабилност, што е двојно повеќе од претходните најави. Овој потег доаѓа во момент на силен притисок поради царините кои достигнуваат износи од повеќе милијарди евра, но и поради сè посилната конкуренција од кинеските производители, особено брендовите на електрични возила како BYD, Geely и SAIC.
Притисокот е очигледен на кинескиот пазар, каде што традиционалните модели го изгубија чекорот со модерните кинески електрични автомобили. Истовремено, ценовно достапните кинески модели бележат значителен раст на продажбата на пазарите во Европа, Латинска Америка и Африка.
Пад на вредноста на акциите
„Целта е конкурентност. Мора да ја разгледаме секоја опција за да ја оствариме. Во спротивно, Фолксваген ризикува трајно да заостане зад меѓународната конкуренција“, изјави д-р Јоханес Латвајн, член на управата задолжен за финансии и ИТ.
Акциите на Фолксваген во петок попладне пораснаа за 0,6 отсто, но од почетокот на годината забележаа пад на вредноста поголем од 27 отсто. Во обид да го диверзифицира работењето и да ја зголеми отпорноста, Фолксваген истражува различни опции за зголемување на продуктивноста и подобра искористеност на капацитетите на своите фабрики.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата