Данскиот пензиски фонд Akademiker Pension објави дека ќе ги продаде американските државни обврзници што ги поседува, наведувајќи го лошото управување со јавните финансии во Соединетите Држави како причина.
Фондот нагласи дека оваа одлука нема никаква врска со спорот меѓу САД и Европа околу иднината на автономната данска територија Гренланд, за која е заинтересиран американскиот претседател Доналд Трамп.
Како што изјави директорот за инвестиции на фондот Андерс Шелде за АФП, одлуката е поврзана со „лошата состојба на американските владини финансии, поради што веруваме дека мора да бараме алтернативни начини за управување со ликвидноста и ризиците“.
„Не е директно поврзана со сегашниот јаз меѓу САД и Европа“, додаде тој.
„Akademiker Pension“ моментално поседува нешто повеќе од 85 милиони евра (околу 100 милиони долари) во американски обврзници, од вкупната актива на фондот од 25,7 милијарди долари.

На Светскиот економски форум во Давос, американскиот секретар за финансии Скот Бесант ги отфрли тврдењата дека Европејците го таргетираат американскиот долг како одмазда за амбициите на Вашингтон во Гренланд, нарекувајќи ги таквите обвинувања „целосно лажен наратив“.
Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција, Бесент предупреди дека таквата стратегија од Европа би можела да го дестабилизира пазарот.
„Мислам дека сите треба малку да се смират. Не ги слушајте хистеричните медиуми“, рече тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата