Соединетите Држави вршат масовно војно прегрупирање и испраќаат трета ударна група носачи на авиони и до 10.000 дополнителни војници на Блискиот Исток, пренесува „Волстрит журнал“. Претседателот Доналд Трамп сериозно разгледува можност за нови, масовни воени напади врз Иран веќе во ноември, веднаш по американските меѓуизбори.
Според извори од американската администрација, новите воени сили, борбени авиони, маринци и бродови треба да пристигнат во регионот до крајот на ноември. Иако конечна одлука сè уште не е падната, Трамп претходно им соопштил на соработниците дека бомбардирањето би можело да продолжи истиот месец, додека во исто време сè уште ги држи отворени дипломатските канали и варијатбата за нов притисок врз Техеран.
„Одбивам каков било договор“
Ескалацијата доаѓа само неколку дена откако американски претседател го одби последниот мировен предлог на Техеран. Преку посредници од Катар, Иран понуди прекин на непријатествата во рок од седум дена и отворање на Ормузкиот теснец, но со барања за американски отстапки во врска со санкциите и блокадата.
– Одамна го одбив нивниот предлог. Го одбив нивниот договор, беше дециден Трамп, порачувајќи дека Техеран попушта поради разорниот економски притисок.
Страв од иранските проектили и максимална борбена готовност
Новото американско засилување доаѓа во чувствителен момент, откако во изминатите недели Иран во повеќе наврати лансираше маневрирачки балистички ракети директно кон американски воени бродови, вклучувајќи разурнувачи и носач на авиони. Иако нема сериозни штети, нападите покажаа дека Техеран е подготвен за отворен судир со највредните единици на американската морнарица.
Министерот за одбрана Пит Хегсет веќе нареди продолжување на мандатите за клучните борбени единици, меѓу кои се и противракетните системи „Патриот“, како и припадниците на елитната 82. воздушно-десантна дивизија чиј престој во регионот е продолжен до 2027 година.
Со влегувањето на новиот носач „Теодори Рузвелт“ и амфибиската група „Мејкин Ајленд“, Пентагон во регионот ќе има над 60.000 војници и историски најголема концентрација на моќ – подготвена за удар во секој момент откако ќе заврши изборниот циклус во САД.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата