Едно лице загина, а неколку други се повредени во силна експлозија што денес го потресе пристаништето во Ротердам, потврди локалната полиција.
Несреќата се случила околу пладне денес во просториите на компанијата на Моцелвег во Европорт, објави „Dutch News“. Полицијата соопшти дека во оваа фаза од истрагата не може да даде дополнителни детали за инцидентот.
Бројни спасувачки екипи беа итно испратени на местото на несреќата: шест амбулантни возила, хеликоптер и противпожарни екипи. Неколку повредени лица беа однесени во болница. Претходно, дошло до прекин на струјата.

Според првичните информации, несреќата наводно се случила за време на работи за одржување, додека тимот ги исклучувал цевководите. Видливата штета на еден од резервоарите за складирање укажува дека станува збор за силна експлозија.
Денешната експлозија се случи кратко откако беше пријавен друг инцидент во пристаништето претходно во текот на денот. Прекинот на електричната енергија во рафинеријата „Есо“ на Ботлеквег предизвика системите да престанат да работат.
Ова предизвика гасоводот да се испразни и над пристаништето да се појават големи пламени и црн чад. Регионалниот безбедносен орган Ротердам-Рејнмонд соопшти дека сè уште истражува дали двата инцидента се поврзани.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата