logo
logo
logo

СО ТЕТОВАЖА НА ЗМИЈА И МАШКА ОБЛЕКА Детали за Украинката која го крена во воздух лобито во Монако

Vecer | 03.07.2026

СО ТЕТОВАЖА НА ЗМИЈА И МАШКА ОБЛЕКА Детали за Украинката која го крена во воздух лобито во Монако

Идентификувано е осомниченото лице во истрагата за нападот со бомба во пакет, во кој тешко беа ранети санкционираниот мултимилионер Вадим Јермолаев, роден во Украина, и уште две лица во Монако, соопшти во четвртокот обвинителството на кнежевството.

Францускиот дневник „Ле Фигаро“ и БФМТВ известија дека се верува оти осомниченото лице, кое е снимено од надзорните камери како носи црн рибарски шешир, е жена која се обидела да се претстави како маж, како што претходно пренесе „Франс24“. Италијанскиот весник „Кориере дела сера“ пренесува дека обвинителството на Монако издало налог за апсење, кој во четвртокот му бил доставен на Интерпол, а Интерпол во петокот претпладне го објавил и идентитетот на осомниченото лице – станува збор за 39-годишната Анастасија Березовска, како што пренесува „Кориере дела сера“.

Во соопштението се додава дека жената има кафена коса и дека е препознатлива и по тетоважата со змија на десната рака. Носела светли панталони, елек и темен шешир. Најпрво се мислело дека станува збор за маж, но според досегашните сознанија, се работи за Украинка во триесеттите години од животот која живее во Германија, пренесува италијанскиот весник.

Весникот „Монако-Матен“претходно, пак, објави дека осомничената е „на возраст од околу 30 години, русокоса и веројатно од Источна Европа“, а се прерушила во маж, како што пренесе „Киев Индепендент“. Францускиот весник „Ле Фигаро“ наведе, повикувајќи се на извори, дека осомничената би можела да биде Украинка, пренесува украинскиот медиум.

Според зборовите на повеќе извори, Березовска во деновите и часовите што му претходеле на нападот извршила неколку проверки пред куќата на Вадим Јермолаев. „За осомниченото лице е издаден налог за апсење, а од вечерва ќе биде предмет на црвена потерница на Интерпол“, извести претходно обвинителството, додека јавниот обвинител на Монако, Стефан Тибо, во својата изјава не се осврна на тоа дека станува збор за женско лице.

Тој ги пофали полициските сили на Монако и „ефикасната меѓународна криминалистичка соработка, како полициска, така и правосудна“, која овозможи „идентификација, во особено кратко време, на лицето осомничено за извршување на нападот“. Покрената е судска истрага за обид за убиство и неколку други обвиненија, која им е доверена на тројца истражни судии.

Настрадала љубовницата, а не сопругата

Во понеделникот навечер, едно лице оставило пакет во лобито на станбена зграда, на само неколку чекори од француската граница. Набрзо потоа, експлозивната направа експлодирала во лобито токму во моментот кога влегувале милионерот, неговата партнерка и 13-годишно момче, наводно нивниот син. Накнадно беше соопштено дека бомбата била исполнета со завртки и метални куглички за да нанесе што е можно поголема штета.

Властите не го потврдија идентитетот на жртвите, но според изворите, цел на нападот бил 58-годишниот Вадим Јермолаев, богат деловен човек со потекло од Украина, а сега кипарски државјанин, како и неговата партнерка и синот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk