Европа сè поинтензивно бара замена за американската компанија Палантир, чиј софтвер се користи во полицијата, разузнавачките служби, армијата и здравствените системи.
Франција и Германија започнаа иницијатива за развој на европска дигитална инфраструктура, додека одделни држави и институции настојуваат да ја намалат зависноста од американската технологија и да го зајакнат дигиталниот суверенитет.
Европските земји тешко можат да парираат
Сепак, експертите предупредуваат дека откажувањето од Палантир ќе биде исклучително тешко. Компанијата разви напредни системи за обработка на огромни количини податоци, а нејзините решенија се длабоко интегрирани во секојдневната работа на голем број државни институции. Токму поради квалитетот и искуството што ги стекна преку долгогодишната соработка со голем број клиенти, европските замени сè уште тешко можат да парираат на нејзините можности, пишува Политико, а пренесува порталот Бизнис.
Иако Франција ја промовира домашната компанија ChapsVision, а се развиваат и други европски решенија како што е воениот систем Artemis AI, многу официјални лица признаваат дека во моментов не постои сериозна замена за Палантир, особено во воените операции. НАТО истакнува дека технологијата на Палантир за анализа на податоци од боиштата и сателитските снимки нема рамноправен конкурент, што дополнително ги отежнува европските планови за технолошка независност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата