Германскиот канцелар Фридрих Мерц го призна тешкиот изборен пораз на ЦДУ на покраинските избори во Мекленбург-Западна Померанија, каде што партијата едвај остана над изборниот праг. По уште една тешка изборна вечер за демохристијаните, тој рече дека резултатот не може да се разубавува.
– Не можеме да го разубавиме резултатот во Мекленбург-Западна Померанија. Тоа е катастрофа – рече Мерц.
Изборниот дебакл доаѓа само неколку дена откако Мерц ја откажа планираната посета на Њујорк и настапот на Генералното собрание на ОН, со образложение дека неговото присуство е потребно во Берлин, во момент кога притисокот врз него и ЦДУ веќе силно растеше.
ЦДУ заврши далеку зад двете партии што ја водеа главната битка во покраината. АфД освои околу 37%, СПД околу 35,5%, а демохристијаните паднаа на приближно 5,5%, што е нивниот најлош резултат на покраински избори од 1949 година.
– ЦДУ се бореше, но на крајот беше згмечена меѓу СПД и АфД – призна Мерц.
Уште еден удар за ЦДУ
Резултатот доаѓа само две недели по тешкиот пораз во Саксонија-Анхалт, кој дополнително го зголеми притисокот врз канцеларот. Во пресрет на денешното гласање, анкетите веќе покажуваа дека ЦДУ во Мекленбург-Западна Померанија се движи опасно близу до прагот од 5%.
Мерц, сепак, порача дека нема намера да отстапи од најавениот реформски курс. Тој оцени дека Германија се соочува со премногу сложена држава, економија во длабока трансформација и сè поостри поделби во општеството.
– Без оглед на различните резултати од изборите, сите заедно сме загрижени за иднината на нашата земја – рече Мерц.
Канцеларот предупреди и на пад на довербата во германските институции и порача дека земјата мора повторно да разговара за слободата, безбедноста и сопствените слабости.
„Реформите мора да дојдат“
Мерц најави дека изборниот удар нема да го натера да се откаже од реформите, иако призна дека промените ќе донесат дополнителен товар и неизвесност за дел од граѓаните.
– Реформите мора да дојдат. Секако, ова нè става сите во тешка ситуација. Но, ние ја преземаме оваа одговорност. Јас ја преземам оваа одговорност затоа што сакам да ја движам нашата земја напред – рече тој.
Тој реформите ги поврза и со растот на поддршката за политичките сили што ги опиша како авторитарни.
– Овие реформи се лек против авторитарниот отров, против фасцинацијата со авторитаризмот што сè подлабоко продира во нашето општество – порача Мерц.

Алис Вајдел има брутална порака за Мерц по изборниот дебакл
Лидерката на десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, зборуваше по објавувањето на резултатите од изборите во две од најоддалечените покраини во Германија, каде што нејзината партија постигна втора последователна победа.
„Ја заменивме ЦДУ како народна партија“, рече Вајдел.
Таа тврди дека Христијанско-демократската унија (ЦДУ) е толку слаба токму затоа што одбива да соработува со АфД.
„Гласачите постојано ја избираа опцијата од десниот центар. ЦДУ можеше одамна да формира влада со АфД, и на покраинско и на федерално ниво. Луѓето сакаат политички промени и Фридрих Мерц мора да ги извлече потребните заклучоци од тоа. Нашата цел е, се разбира, да водиме долгорочни коалициски преговори со ЦДУ, но во никој случај нема да правиме компромис со нашите принципи“, додаде таа.
Вајдел повторно ја спомена потребата од руски гас.
„Повторно ни требаат фосилни горива“, рече Вајдел во емисијата „Берлинер Рунде“.
„Руски гас?“, ја прекина водителката Дијана Цимерман. „Секако! Тоа е нашиот бизнис модел со децении, затоа ни треба мировен договор.“
Според проекциите, АфД ќе освои 16 проценти од гласовите во Берлин, што е нејзин најдобар резултат досега на изборите за покраинскиот парламент. Ова ќе ја направи трета најсилна партија во Берлин по Ди Линке (25,3%) и ЦДУ (19,1%).
Во Мекленбург, според моменталните резултати (37,9%), АфД ја победува СПД (35,7%) и го прекинува 28-годишното владеење на таа партија.
АфД претходно победи на изборите во покраината Саксонија-Анхалт, каде што освои 43,8 проценти од гласовите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата