logo
logo
logo

Хаос во Париз: Прославата на титулата на ПСЖ се претвори во нереди, уапсени над 400 луѓе

Vecer | 31.05.2026

Хаос во Париз: Прославата на титулата на ПСЖ се претвори во нереди, уапсени над 400 луѓе

Прославата на титулата на Пари Сен Жермен, кој во финалето на Лигата на шампионите го совлада Арсенал по пенали во Будимпешта и втора година по ред го подигна пехарот во Лигата на шампионите, предизвика вистинска бура во главниот град на Франција. Исто како и минатата година, париските навивачи не успеаја да се воздржат од нереди, па полицијата, како што пишува Би-Би-Си (BBC), во ноќта меѓу саботата и неделата привела повеќе од 400 луѓе на улиците на Париз.

Илјадници полицајци стапија во акција за да ги сузбијат немирите кои го нарушија автобускиот и железничкиот сообраќај во Париз. Неколкумина од нив беа повредени за време на навивачкото испукување огномет и факели, а беа принудени да користат и солзавец за да ја растераат толпата во центарот на градот. Навивачите палеа патишта, електрични автомобили, кршеа излози... Според досегашните информации, оштетени се шест патнички возила, два деловни простори и една автобуска станица, иако сè укажува на тоа дека штетата е многу поголема.

Да потсетиме, минатата година ваквата прослава резултираше со смрт на две лица, од кои едното беше 17-годишник.

Во раните утрински часови Министерството за внатрешни работи објави дека полицијата уапсила 416 лица, а префектот на париската полиција, Лоран Нуњез, изјави дека се повредени седум полицајци, нарекувајќи ги нередите „апсолутно неприфатливи“. Марин Ле Пен, лидерката на крајната десница, на социјалните мрежи напиша: „Само во Франција победата на еден фудбалски клуб предизвикува нереди, сите се чувствуваат принудени да се заклучат во своите домови за да избегнат соочување со насилството“.

Фудбалерите на ПСЖ во недела попладне би требало да бидат главните ѕвезди на победничката парада. Тие ќе се најдат на отворен автобус пред Ајфеловата кула, а дочек им подготвува и претседателот Емануел Макрон.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk