logo
logo
logo

ОГНЕНА СТИХИЈА КАЈ СОЛУН: Евакуација на три предградија и дом за лица со пречки во развојот

Vecer | 05.07.2026

ОГНЕНА СТИХИЈА КАЈ СОЛУН: Евакуација на три предградија и дом за лица со пречки во развојот

Пожар кој брзо се движи избувна синоќа во близина на предградијата на Солун, вториот по големина грчки град, соопшти противпожарната служба, а жителите на три помали предградија мораа да се евакуираат.

Пожарот избувнал во провалија во планинска област синоќа околу 20:30 часот и брзо се проширил кон рамнината, при што гори главно грмушкаста вегетација, соопшти Грчката противпожарна служба. Иако куќите се поштедени, оштетени се неколку фирми, наведе противпожарната служба.

Преку текстуални пораки на жителите на селата Антуполи, Филотеи и Галини им било кажано да се евакуираат. Евакуиран е и објект во кој биле сместени 157 лица со пречки во развојот. Околу 120 од нив кои можат да одат се сместени во фискултурна сала, додека останатите се префрлени во психијатриска болница. Властите објавија дека 76-годишен маж е уапсен под сомнение дека го предизвикал пожарот. Според пожарникарите, тој изгледал како да не е трезен. Жителите на Солун можеа да го видат пламенот, па дури и да слушнат експлозии на запаливи материјали кои гореле во некои од фирмите. Густ облак од чад прекри неколку предградија и западни делови од градот.

Околу 115 пожарникари со 38 противпожарни возила и непознат број волонтери се бореа против пожарот, соопштија од противпожарната служба. Накратко беа ангажирани и авиони за гаснење, но тие не можеа да дејствуваат откако се стемни.

Нема индиции дека пожарот се движи кон градот Солун, но пожарникарите се на штрек и се очекува уште повеќе од нив да се приклучат во борбата против огнот, чие гаснење го отежнуваат силните ветрови. Пожарите не се невообичаени во Грција, која има долги, топли, суви и често ветровити лета. Јуни помина без сериозни штети. Првиот поголем пожар ја зафати земјата во средата, во централна Грција, кога загинаа еден маж и неговиот 12-годишен син и кога беа спроведени евакуации.

Вчера околу Солун имаше неколку пожари, вклучувајќи го и оној на Халкидики, омилена летна дестинација, како и во градот Кукуш (Килкис) на северот.

Грција засега е поштедена од екстремните горештини кои зафатија голем дел од остатокот од Европа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk