Барселона го претрпе првиот првенствен пораз по серијата од девет последователни победи, а проблемите за тренерот Ханси Флик продолжуваат да се зголемуваат. По поразот од Реал Мадрид со 1:2 во „Ел Класико“, германскиот стратег доби лоши вести и за повредата на младиот Хави Еспарт.
Реал Мадрид славеше на „Камп Ноу“ благодарение на двата гола на Килијан Мбапе, додека единствениот погодок за каталонскиот тим го постигна Рафиња. За Барселона ова беше втор последователен пораз, откако претходно загуби и од Пари Сен Жермен во Лигата на шампионите.
Сепак, резултатите не се единствената грижа на Флик. Барселона во последните недели се соочува со сериозни проблеми со повредени фудбалери, а листата сега е подолга за уште едно име.
Младиот Еспарт мораше да го напушти теренот во првото полувреме од дуелот со Реал поради повреда на зглобот на десната нога. По утринските лекарски прегледи, според информациите од медиумите, се очекува неговото отсуство да трае околу два месеца. Тоа би значело дека на теренот би можел да се врати кон крајот на декември, а не е исклучена ниту можноста паузата да се продолжи до почетокот на 2027 година.
Ова е дополнителен проблем за Флик, кој веќе не може да смета на неколку дефанзивци. Покрај Еспарт, надвор од стројот се и Ерик Гарсија, Жил Кунде и Андреас Кристенсен.
Во ваква ситуација, изборот во одбраната е значително стеснет. Во моментов, на располагање на германскиот тренер му се Пау Кубарси, Жерар Мартин, Жоао Кансело и Алехандро Балде.
По болниот пораз од најголемиот ривал, Барселона сега се соочува и со нов кадровски проблем, во момент кога Флик има сè помалку опции за составување на одбранбената линија.
COMUNICAT MÈDIC
Les proves realitzades han confirmat que Xavi Espart pateix una lesió a la sindesmosi del turmell dret com a conseqüència d’una acció traumàtica amb un jugador rival durant el partit contra el Reial Madrid.
El temps estimat de baixa és d’aproximadament set setmanes.
— FC Barcelona (@FCBarcelona_cat) October 26, 2026