Претседателот на Барселона, Хоан Лапорта, повторно проговори за Лионел Меси и откри дека каталонскиот клуб не се откажал од идејата да му овозможи спектакуларно збогување на најголемиот фудбалер во својата историја на „Камп Ноу“. Лапорта потврди на Генералното собрание на делегатите на Барселона дека клубот веќе разговарал со Меси за организирање на посебна церемонија, која ќе се одржи по завршувањето на работите на новиот „Spotify“ „Камп Ноу“.
Планот е стадионот, кој ќе има капацитет од речиси 105.000 гледачи, да биде исполнет до последното место, за да може Аргентинецот да се збогува со навивачите на начин на кој не го доби кога замина во 2021 година.
„Му кажавме на Меси дека би сакале да организираме збогување за него откако ќе биде завршен стадионот, пред речиси 105.000 навивачи“, рече Лапорта.
Тој додаде дека конечната одлука сепак му припаѓа на осумкратниот освојувач на „Златната топка“.