logo
logo
logo

Трагите остануваат

За фашизмот на Џемо Хаса, од Симница

Vecer | 09.10.2021

За фашизмот на Џемо Хаса, од Симница

„Грагјаните на албанскиот главен град излегоја на улица да демонстрираат против зверството на окупаторот извршено над синовите на братскиот македонски народ. Тој ден во Тирана беа затворени дукјаните во знак на протест, а учениците носеја црно жалејки ги искрено своите македонски другари.

Италијанските фашисти требеше да видат тогај дека братството мегју Македонците и Албанците се зацврснуе, уште повеке кога поробувачот и за едните и за другите е ист. Но, баш затоа, плашејки се од таја солидарност на двата поробени народи, отпочнаја најцрните дни во историјата на македонското население во тие места“, напишал Владо Малески пред седум ипол деецнии за македонските партизани заробени од Џемо Хаса, а потоа, на 17 мај 1943 година, обесени од италијанските карабинијери во Тиранскиот затвор.

Пишува: Блаже Миневски

Во 2018-та австралискиот новинар со македонско потекло, Саша Узунов, објави дека норвешкиот амбасадор во Белград, Скопје и Подгорица, Арне Санес Бјорнштад  ќе го истражувал случајот на Албанци соработници на нацистичките власти од Втората светска војна за кои се подигнати споменици во западниот дел на Македонија. Дали тука спаѓа и споменикот на Џемо Хаса, во с. Симница? Би требало, иако од тоа нема да има ништо. Така, Македонија ќе остане единствена земја во Европа во која се подигаат споменици на фашистите и нивните соработници.

Но, еве еден материјал за норвешкиот амбасадор.

Пред седумдесет години, Владо Малески, во текст објавен во празничниот, велигденски број на „Нова Македонија“ за 5, 6, 7 мај 1945 година, пишува дека ноќта меѓу 3 и 4 мај „при една акција на први баталјон на Трета бригада, беше убит познатиот бандит Джемо“. Притоа Малески ја имал предвид „службената верзија“, објавена од тогашната народно-ослободителна власт во Македонија, за ликвидацијата на Џемо Хасани, односно Џемо Балистот или Џемо Симница. Во текстот на Малески понатаму се вели:

Во последно време, со последните остатоци од своите најверни лугје, Джемо се криеше во тетовска околија. Тамо го најдоја војниците од Народната одбрана и во борбата која се водеше над село Гјургјовиште беше утепан Джемо, најголемиот крвник на нашиот народ, верен слуга на фашиските окупатори.“

„Мрачна раздорна политика“

„После капитулацијата на Југославија, италијанските фашисти, кои ги окупираја краиштата на западна Македонија, успеаја да мегју албанското население од тие места пронајдат слуги за спроведуенје на својата империјалистичка политика. При тоа ако му се додаде и фактот да мегју македонското и албанското население постоеше антагонизам создаден со децении било од едните или од други поробители, а нарочно потенцирани од големосрпските дерикожи – тогај сосем јасно ке ни биде зошто „дучевите“ пратеници така бргу успеаја да најдат мегју Албанците од тие места свои експоненти за спроведуенјето на мрачната раздорна политика.

И како резултат на таја политика на окупаторските власти останаја урнатини од села, во црно завиткани мајки и пресни гробови на стотици синови и кјерки на нашиот народ – дело на италијански фашистички банди и нивните верни албански башибозучки слуги“, пишува Малески во втората недела на мај 1945 година, во празничниот троброј „Нова Македонија“, и продолжува:

„Но, ако зборуеме за тие злочини – извршени на таја територија, ние ке се сопниме на синонимот на разбојништвото – Джемо Симница, верно куче на секој господар – убиец, професионален качак и бескрупулен колјач. Името на Джемо е сврзано со илјадници злочини за кои не постои мерило со кое би се измерила тежината на истите.

Баш во моментот кога народно-ослободителното движење на таја територија застануеше на кревки нозе, Джемо – бившиот клјучар на гостиварскиот затвор – со својте „верни другари“ опколуе одредот и успева да ги зароби другарите Дишан Попович -Гјока од Скопје, Драги Тодоровски од Маврово, Ристо Сарович од Крушево, Трифун Антонов, Раде Манојлов од Маврово и другарот „Смок“.

Тие другари беа предадени на италијанските карабинијери и на 17 мај 1943 година обесени во тиранскиот затвор. Како одговор на тоа – грагјаните на албанскиот главен град излегоја на улица да демонстрираат против зверството на окупаторот извршено над синовите на братскиот македонски народ. Тој ден во Тирана беа затворени дукјаните во знак на протест, а учениците носеја црно жалејки ги искрено своите македонски другари.

Италијанските фашисти требаше да видат тогај дека братството мегју Македонците и Албанците се зацврснуе, уште повеке кога поробувачот и за едните и за другите е ист. Но, баш затоа, плашејки се од таја солидарност на два поробени народи, отпочнаја најцрните дни во историјата на македонското насление во тие места. Страв и трепет стана името Джемо. Мирните селани од гостиварско и тетовско биваја убивани и плјачкани по пат – за на пазар, во нивните сопствени кукји, на бачила. Джемовците уценуеја побогати селани. Цели села. Но, на злочините им немаше крај. Почнаја да горат села во Копачијата, кичевско, и Дебарца.

Италијанските газди им рекоја: „Палите, убивајте – имате „карта бјанка“ – и се крена илјаден башибозук, кој со пушка, кој со стап – а на чело на подивените вјаваше на бел конј Джемо Симница со шарени реденици на ,гради и со кубури „седефлии“ на појас, до него ортак му Мефаил, а со качаците на Джемо неговиот „агјутант“ Акиф Речани. Пламнаја Кленовец, Потоец, Малкоец, Душегубица, поулавеја силуваните девојки, како снопје пагјаа пострелани жени и старци. А после се редеја село по село: Никифорово, Леуново, Маврово а во дружба со германските бандити една нокј ја осветлија целата Дебарца.

Високо се дигна пламенот од Црвена Вода, Песочани, Белчишта, Турје, Мраморец, Врбанје, Годивје, Слатино и други. Во месец септември 1944 година помошникот на Джемо, Акиф Речани, опколи наши другари – партизани и позадинци во село Беличица – од кои малку се спасија, а мегју запленетите остана Тодор Циповски–Мерджан, кој тогај идеше на својата нова должност, политички комесар на Првата бригада. Целото село беше запалено, а во огинот фрлени жени и деца да се така насладуваат джемовците на смртта на своите жертви. Над пискотниците на изгорените, над офканјата на недогорените се слушаше садистичкото смејенје на професионалникот убиец Джемо Симница.“

„Братството меѓу Македонците и Албанците уште повеќе се зацврсти по убиството на Џемо!“

Својот текст за ликвидацијата на Џемо, Владо Малески го завршува со следниве неколку реченици:

„Со ослободуенјето се тури крај на маките на народот од западна Македонија. Братството мегу Македонците и Албанците кое се создаваше во заедничката борба против окупаторот и домашните слуги – уште повеке се зацврсти.

Веста за убиството на „мајор“ Джемо се прими со голема радост како кај Македонците, така и кај Албанците. Албанците многу арно се секјаваат за убиствата и паленјето на Джемо и неговите банди во Корча и околината. Тие знајат дека Джемо им беше непријател и ним“.

Овој текст, објавен во „Нова Македонија“ пред повеќе од седумдесет години, е потпишан од Владо Малески – Тале,  а со текстот е објавена и фотографија на која се Џемо Симница, Лек Миѓини, Зејнија, Шаип Чајле, како и Абдула и Мусли, браќата на Џемо.

Според текстот, Џемаил Хасани е ликвидиран ноќта меѓу 3 и 4 мај 1945 година, но ОЗНА организирала потера по Џемо уште во почетокот на 1945 година. Во март истата година била воспоставена соработка со Риза Раифи, роднина на Абдула Зибери, Абдула Амити и Назиф Амити, телохранителите на Џемо.

Соработникот Риза Арифи се обврзал заедно со телохранителите да го заробат или ликвидираат Џемо, а ОЗНА за возврат им ветила слобода, иако веќе имале извршено страшни злосторства врз Македонците во Западна Македонија.

Според историчарите, Џемо и неговите соработници во текот на Втората светска војна предизвикале огромни штети и големи страдања меѓу населението, односно Македонците, но и меѓу дел од Албанците, кои многу повеќе биле тероризирани, убивани, ограбувани, силувани од балистичките чети, отколку од италијанските и германските окупатори.

Самиот Џемо Хаса со своите истомисленици бил соработник на окупаторските војски на Италија и на Германија, а неговата борба била насочена кон создавање Голема Албанија.

Кој е Џемо Хаса?

Во верзијата што е објавена подоцна, во мај 1945 година, офицерите на ОЗНА заминале за Гора, каде што одржале средба со телохранителите на Џемо, при што им била покажана главата на Џемо, донесена во вреќа. Притоа, за нивна заштита, ОЗНА објавила дека Џемо е убиен во акција на припадниците на ЈНА.

Според официјалните документи, Џемаил Хасани е роден во село Симница, Гостиварско во 1908 година, а бил убиен ноќта меѓу 3 и 4 мај 1945 година во селото Беличица, Мавровско. Џемо Балистот, Џем Хаса или Џемо Симница бил балист од Македонија, лидер на Бали Комбетар за Западна Македонија.

Според италијански архивски документи, Џемо Симница, клучар на гостиварскиот затвор, како што пишува Малески, за крвавите услуги што ги правел за фашистите во Втората светска војна, добивал месечна плата од 50 илјади лека. Во историските записи, Џемо Хасани од Симница растел во сиромашно семејство, па уште како дете почнал да работи како земјоделец на татковиот имот.

По приклучувањето на Албанија кон фашистичката оска, заминал да војува во јужниот дел на Албанија, а за својата преданост кон кралскиот двор е прогласен за воен офицер лично од кралот на Албанија, Ахмед Зогу.

Во текот на 1941 година се враќа во Македонија, каде започнува со неговите ѕверства врз македонското население. Дејствувал во цела Западна Македонија. Во почетокот на 1945 година, Џемо Хаса со триста балисти, во близината на мостот на река Маздрача, кај село Жеровјане, на патот Тетово-Гостивар, поставил заседа за една од македонските партизански единици, при што биле заробени и стрелани седум борци на одредот.

Во почетокот на мај 1945 година, ОЗНА на Македонија организирала потера по Џемо, кој со вооружени групи се движел низ Албанија и западниот дел на Македонија. Во март истата година бил воспоставен контакт со Риза Раифи, роднина Абдула Зибери, Абдула Амити и Назиф Амити, телохранители на Џемо.

Соработникот Риза Арифи се обврзал заедно со телохранителите да го заработат или ликвидираат Џемо, а ОЗНА за возврат им ветила слобода. Сепак, Зибери и браќата Амити не го почитувале договорот со ОЗНА, односно се приклучиле кон групата на Шаип Садику, па во 1948 година групата по налог на албанската тајна полиција „Сигурими“ влегла во Македонија и на Косово, вршејќи оружени напади врз војниците на ЈНА.

Во една од акциите, луѓето што го убиле Џемо по налог на ОЗНА, биле заробени и и осудени на долгогодишен затвор.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk