logo
logo
logo

СПАСУВАЧКА АКЦИЈА ОД ТУРЦИЈА - Македонскиот државјанин со тешка повреда на `рбетот транспортиран на КАРИЛ

Vecer | 08.08.2026

СПАСУВАЧКА АКЦИЈА ОД ТУРЦИЈА - Македонскиот државјанин со тешка повреда на `рбетот транспортиран на КАРИЛ

Успешно заврши итната спасувачка мисија за трансфер на македонскиот турист кој тешко се повреди на одмор во Турција. Пациентот од Скопје, кој заработил сериозна повреда на `рбетниот мозок во летувалиштето Кушадаси, денеска со владиниот авион беше префрлен во Македонија. Првиот човек на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџановски, потврди дека пациентот е веќе хоспитализиран на Клиниката за интензивно лекување, каде што тимот лекари го презема понатамошниот третман.

Тој информира дека пациентот се повредил при несреќен случај на тобоган, по што на 23 јули му била извршена хируршка интервенција во болница во Кушадаси, каде што бил задржан на лекување до денеска.

По барање на турските лекари и поради сериозноста на повредата, бил организиран воздушен медицински транспорт со владиниот авион.

– Од колегите беше побарано пациентот да биде транспортиран по воздушен пат поради сериозноста на повредата и потребата од брз транспорт. Голема благодарност до Владата и до Службата за општи и заеднички работи, кои излегоа во пресрет за реализација на транспортот – истакна д-р Мерџановски.

Тој посочи дека во Турција бил испратен медицински тим предводен од раководителката на КАРИЛ, д-р Марта Тренева, кој го презел пациентот и го придружувал при транспортот до Скопје.

Според Мерџановски, пациентот е успешно пренесен и сместен на Клиниката за интензивно лекување, каде што ќе продолжи третманот.

– Пациентот е во здравствена состојба што бара интензивно лекување. Ја разгледавме медицинската документација и можам да кажам дека операцијата извршена во Турција е задоволителна и добро направена. Повредите на `рбетниот мозок се меѓу најсериозните повреди – рече Мерџановски.

Тој најави дополнителни испитувања и понатамошна рехабилитација, вклучително и физикална терапија во спиналниот центар во земјава.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk