Околу 600 професори и инженерски експерти од целиот свет се собраа во Скопје на научната конференција „Eurock 2026“, посветена на актуелните предизвици и современите решенија во градежништвото. Македонија е домаќин на овој меѓународен собир, кој се одржува во организација на Друштвото за геотехника на Македонија и Градежниот факултет.
Во своето обраќање, заменик претседателот Николоски потенцираше дека државата и научната и стручна јавност имаат нераскинлива врска во делот на реализацијата на инфраструктурните проекти во државата.
Тој ги потенцира крупните капитални инвестиции за кои како што нагласи, научната јавност има силно влијание во решавање на комплексните инженерски решенија.
Пред присутните потенцира дека Македонија има стратешка позиција на Балканот, каде се пресекуваат двата транспортни коридори 8 и 10, што ја прават државата централна транзитна држава на европскиот транспорт.
Во таа насока истакна Николоски, Владата го реализира најобемниот инвестициски циклус од неколку милијарди евра во изградба и модернизација на патната и железничката мрежа во државата. Во такви услови, инженерска експертиза има силно влијание во реализација на проектите, се обрати заменик претседателот на Владата, Николоски.
“Скопје и Македонија имаат чест да се домаќини оваа година и тоа не е случајно, тоа е заради победата која што во 2023-та година Градежниот факултет ја однесе на собирот во Салцбург, каде што го освои првото место во делот на иновативност и затоа оваа година овој собир се случува во Скопје. Навистина е прекрасно да се видат некаде околу 600-тини професори од целиот свет, од сите делови на светот како дискутираат за најголемите инженерски предизвици кои што се во делот на градежништвото, нешто што секако ќе помогне многу и на нашиот факултет и на нашите професори и научници кои што секако ќе ни помогнат и на нас да реализираме уште повеќе проекти” – истакна Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата