Клучката кај Момин поток влегува во завршна фаза, а пуштањето во употреба е најавено до крајот на годината. Според градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градежните активности се реализирани околу 75%, а новата сообраќајна врска треба да придонесе за намалување на гужвите и побезбедно одвивање на сообраќајот. На терен увид извршија премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот, при што беше најавено дека Владата ќе продолжи со поддршка на општинските проекти.
– Пред 7 месеци клучката беше во целосна стагнација, процесите беа блокирани и имаше само 10 отсто експропријација, а сега експропријацијата е 100 проценти решена. Сите граѓани се целосно исплатени од страна на Градот. Станува збор за комлексен проект кој има два километра потпорни ѕидови, пешачки и велосипедски патеки – информира Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека во Скопје се работи на 5 мостови. До крајот на годината ќе бидат завршени мостот на реката Серава кој се проширува и мостот на улицата Љубљанска. Сериозно се работи и на булеварот Борис Трајковски, а во август ќе почнат работите и на мостот што ги поврзува Гази Баба и Аеродром.
– Владата и премиерот Мицкоски се наша силна поддршка, не само за Скопје и за мене, туку за сите скопјани: Владата обезбеди 60 милиони денари за клучката кај Момин Поток. Ова е едно од ремек делата кои ќе ги завршиме – потенцира Ѓорѓиевски.
Премиерот Мицкоски рече дека Владата ќе продолжи да ги поддржува општините.
Јас сакам само да упатам честитки на работата на градоначалникот, бидејќи за овие неколку месеци се направија големи чекори во проекти коишто беа до никаде, односно беа заглавени. Со посветена работа, можам да кажам дека за овие неколку месеци откако Орце е градоначалник се гледа огромен напредок – рече Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата