Во хаосот и огнената стихија на големиот пожар над селото Палиград, на планината Китка, пожарникарите успеале да спасат едно мало теле кое останало заробено на опожарениот терен.
За несекојдневниот момент информираше директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, кој вчера бил на теренот каде пожарникарите се бореле со огнената стихија.
„Мало, исплашено, но живо – една мала победа во тешкиот ден“, напиша Али, споделувајќи го моментот кога пожарникарите од Противпожарната бригада на Град Скопје успеале да го извлечат животното од зафатеното подрачје.
Според директорот на ЦУК, ваквите моменти покажуваат дека во борбата со пожарите секој спасен живот е важен – без разлика дали станува збор за човек или животно.
Али потсетува дека пожарите не ја загрозуваат само природата, имотот и човечките животи. Огнената стихија сериозно ги загрозува и животните, кои често остануваат беспомошни пред огнот и немаат можност сами да се спасат.
Тој упати апел за максимална внимателност и одговорност, нагласувајќи дека последиците од пожарите, без разлика дали се предизвикани намерно или поради човечка негрижа, ги чувствуваат сите живи суштества.
„Да ја чуваме природата, да ги заштитиме луѓето, имотот и животните“, порача директорот на ЦУК.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата