logo
logo
logo

“ВО МАКЕДОНИЈА СЕ РЕХАБИЛИТИРААТ ФАШИСТИ...“ Протест за намерите во Тетово

Vecer | 31.08.2026

“ВО МАКЕДОНИЈА СЕ РЕХАБИЛИТИРААТ ФАШИСТИ...“ Протест за намерите во Тетово

Градската организација на Сојузот на борците остро реагира на работата на работната група за именување и преименување на улиците во Тетово, формирана од Советот на Општина Тетово. Според нив, работната група досега усвоила 219 предлог-имиња, меѓу кои, како што тврдат, има личности поврзани со фашистички и балистички организации, како и лица за кои сметаат дека не заслужуваат улица да го носи нивното име.

Сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија (НОАВМ) и граѓани продолжувачи од Тетово остро се спротивставува на предлогот една од улиците во градот да го носи името на др. Џафер Сулејмани.

Името на Џафер Сулејмани е наведено под број два на листата, а од Сојузот на борци бараат предлогот да биде повлечен и отфрлен.

Според нив, во образложението за предложеното име се наведува дека Сулејмани бил истакнат лекар, каде се образувал и какви признанија добил од српскиот крал, но се изоставени, како што тврдат, клучни делови од неговата биографија поврзани со периодот на фашистичката окупација во Втората светска војна.

„Кај голем дел од предложените имиња намерно се сокрива суштинскиот дел од нивната биографија. Сметаме дека јавноста мора да биде запознаена дека истиот за време на фашистичката окупација во мај 1941 година од страна на окупаторот бил назначен за градоначалник на Тетовската општина, функција која ја извршувал до средината на 1943 година“, велат од Сојузот.

Оттаму посочуваат и дека во јули 1943 година, додека Тетово било под окупација, Сулејмани го пречекал фашистичкиот генерал и вицекрал Алберто Париани со градски почести. Како поткрепа на своите наводи, тие споделуваат и фотографија од настанот.

Случај Јусуф Реџепи

Од Сојузот на борците обвинуваат дека пред јавноста се пласираат неточни или непотполни биографии на дел од предложените личности, со цел нивното минато да остане незабележано.

Како пример го посочуваат и Јусуф Реџепи. Според информациите наведени од Здружението на борци, во предлогот тој е претставен како еден од првите лекари од Тетово, професор на Универзитетот во Приштина и личност која во 1993 година застанала на чело на Народната демократска партија.

Од Здружението, сепак, тврдат дека биографијата на Реџепи содржи и значајни податоци од периодот на Втората светска војна кои, според нив, не се наведени во предлогот.

Тие посочуваат дека Реџепи во младоста бил вклучен во италијанската контраразузнавачка служба ОВРА, каде што, според нивните наводи, посетувал разузнавачки курсеви во Италија. По враќањето во Тетово во 1943 година, како што тврдат од Здружението, тој му се приклучил на албанскиот баталјон „Љуботен“, а подоцна бил ангажиран и во известувачката служба на Албанија.

Бенито Мусолини
Бенито Мусолини

Завршил и курс во Римскиот отсек на ОВРА во 1942 година. Притоа му било овозможено да се запише и на прва година студии на Медицинскиот факултет во Падова. Во 1943 година се вратил во Тетово и му пристапил на Самостојниот баталјон „Алтоном Љуботени“ од Тетово како подофицер, по три месеци бил унапреден во потпоручник и поручник на известителната служба на Албанија во 1944, вработен во квестатурата во Тетово за борба против комунистите.

„Токму неговото учество во фашистичките служби и јасната определба да им служи на фашизмот и балистичките формации, што работната група сака да го скрие, го прават неподобен да му биде укажана чест улица во Тетово да го носи неговото име“, наведуваат од Здружението на борци.

Од таму ја критикуваат и изјавата на членката на работната група Оливера Гиченко, која во јавноста посочила дека предлог-листата поминала низ фаза на „прочистување“ и дека биле прифатени само имиња кои не се спротивни на уставниот поредок.

Според Сојузот на борците, токму тоа отвора прашање за критериумите според кои биле избрани предложените личности.

„Вистинското прашање е како едногласно прифатија госпоѓа Гиченко и другите членови на работната група улица во Тетово да го носи името на Јусуф Реџепи кој бил фашистички разузнавач, Џафер Сулејмани кој бил окупаторски градоначалник, Фадил Сулејмани кој го негирал постоењето на македонскиот народ и држава и имиња на многу други припадници на фашистички организации и движења“, реагираат од Здружението.

Тие додаваат дека меѓу предложените имиња има и личности кои, според нив, биле милитанти, исламисти или општествено нерелевантни поединци.

Од Сојузот на борците бараат преиспитување на предлог-имињата и појаснување на критериумите според кои се избрани личностите што треба да добијат улици во Тетово, оценувајќи дека евентуалното именување на улици по личности со фашистичко или колаборационистичко минато би претставувало нивна историска рехабилитација.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk