logo
logo
logo

Лани барале притвор за 4 лица, денес тврдат дека нема основ за обвинение

ИСЛАМ АБАЗИ ДАЛ СОГЛАСНОСТ СЛУЧАЈОТ „МАЗУТ“ ТЕЖОК 167 МИЛИОНИ ЕВРА ДА СЕ ЗАТВОРИ

Vecer | 13.05.2026

ИСЛАМ АБАЗИ ДАЛ СОГЛАСНОСТ СЛУЧАЈОТ „МАЗУТ“ ТЕЖОК 167 МИЛИОНИ ЕВРА ДА СЕ ЗАТВОРИ

Овој скандалозен случај и одлуката на шефот на ЈО ГОКК, Ислам Абази, е доказ за големото влијание кое што Венко Филипче, Али Ахмети и Зоран Заев се уште го имаат во добар дел од обвинителството и судството. Ислам Абази како шеф на ОЈО ГОКК, одлучил да го запре овој случај и да не види ни еден доказ, објасни денеска Анонио Милошоски.

- Вчера поставивме неколку прашања, на кои што на брифинг со новинарите, шефот на ова обвинителство, Ислам Абази, се одлучи да изнесе манипулативни одговори. Ислам Абази тврди дека не вршел никакво влијание врз никој обвинител да се донесе ваква одлука за запирање на гонењето на овој сомнеж за криминал од 167 милиони евра.

Ислам Абази лаже, затоа што како шеф на ЈО ГОКК, надлежен е еднаш неделно да добива брифинг од подредениот обвинител, за ваквите крупни случаи, а исто така овластен е доколку некој понизок обвинител реши дека не сака, или смета, дека нема основ ваков случај да се води, Ислам Абази може да одлучи, случајот да продолжи да се гони, или да го предаде во надлежност на друг обвинител.

Наместо да го направи тоа, Ислам Абази, дал согласност овој тежок 167 милиони евра случај да се затвори, и наместо да биде обвинител којшто ќе гони организиран криминал и корупција, Ислам Абази си ја препишал улогата на судија, да го затвори случајот, пред истиот да влезе во судските процедури.

Досега, во македонското правосудство и обвинителство, не е забележан случај на ваков тежок милионски сомнеж за криминал, којшто се наоѓал во ЈО ГОКК, и е од висок јавен интерес да биде затворен, пред да биде доставен во судот.

Секогаш обвинителството одлучувало доказите што ги има да ги презентира во обвинителен акт, а потоа на судските органи да им овозможи да ја донесат конечната одлука, а на обвинетите да им овозможи да докажуваат дали се невини или на обвинителството да докаже дали се виновни.

Затоа сметаме, дека овој пат Ислам Абази, многу очигледно е дека одлуката за затворање на овој случај Мазут, ја донесол врз основа на лукративно политички основи, а не на правни или обвинителски аргументи.

Зошто Ислам Абази е противречен? Затоа што пред една година, обвинителството коешто го води тој, побара притвор за четири лица осомничени во овој случај, и сметаше дека овие четири притворени лица можат да се дадат во бегство или да извршат влијание врз сведоци.

Во исто време, Васко Ковачевски, веќе беше во бегство. Како може истото обвинителство кое што барало притвор за четири лица од случајот Мазут, тежок 167 милиони евра, денес да тврди дека нема основ за да се продолжи овој предмет.

Со вакво постапување, обвинителот Ислам Абази, ќе го претвори ЈО ГОКК во обвинителство за извинување на осомничените за тежок криминал, и за плаќање на обесштетување за тоа што биле во притвор.

Но на крајот, обесштетувањето кое што ќе треба да им се плати на Асмир Јахоски, на Ардијан Муча, на Ерџан Сулкоски и на Ратко Капушевски, нема да го плати ниту Ислам Абази, ниту неговите ментори Ахмети, Заев и Филипче, туку ќе го плати државниот буџет.

А чесните обвинители, ќе го носат товарот на недовербата и статистичката грешка од 2% или 1%, што обвинителството ја има заради ваквите политички фигури како Ислам Абази, кои што одлучуваат со лукративно политички мотиви, наместо да одат со правни и обвинителски аргументи.

Затоа, сметаме дека ваквото однесување на Ислам Абази, само по себе е доволна причина истиот да не одолговлекува и веднаш да поднесе оставка од шеф на ОЈО ГОКК. Бидејќи оние кои што се осомничени за трговија со мазут, незаконити набавки, и плаќање на мазут којшто никогаш не бил доставен во ТЕЦ Неготино Ислам Абази ги прогласи за невини, без да почне судскиот процес, каде што може и обвинетите и обвинителството да се докажуваат во ваквиот криминал.

Затоа, почитувани граѓани, почитувани новинари,

Се додека ова обвинителство го водат личности и обвинители како Ислам Абази, вакви контроверзни одлуки, за политички и истакнати фигури блиски до СДС и до ДУИ, ќе доминираат, а во сенка ќе паѓа довербата и владеењето на правото, кое што е болна точка за нашата држава, соопшти Милошоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk