Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека и покрај тоа што Бугарите не се споменати во македонскиот Устав, тој им ги гарантира истите права како и останатите кои веќе се споменати во него. Македонија, според претседателката, гарантира многу поголеми малцински права од многу земји кои се веќе дел од Европската унија. За разлика од нас, вели претседателката Сиљановска-Давкова, Бугарија не гарантира права на малцинствата во посебен член во уставот, туку само член за забрана на било каков вид дискриминација по било кој основ.
-ЕУ нема заедничка политика за правата на малцинствата и не е дел од таканареченото acquis communautaire. На пример, Франција и Грција се држави кои дури и не ја потпишаа конвенцијата за правата на малцинствата, ниту конвенцијата за регионални и локални јазици. Повеќето членки на ЕУ немаат ниту еден збор за правата на малцинствата во своите устави. Во вашиот Устав нема гаранција за правата на малцинствата. Имате за ова само во член 6, клаузула за антидискриминација која вели дека секој граѓанин е еднаков, без разлика на пол, раса или етничка и национална малцинска припадност, рече македонската претседателка во одговор на прашањето на бугарскиот амбасадор во Словенија, Красимир Бојанов зошто додавањето на Бугарите во македонскиот Устав е спорно од идентитетски аспект, по нејзиното предавање на Правниот факултет во Љубљана на тема „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата