Македонскиот здравствен систем е целосно подготвен за евентуално справување со хантавирус, андес варијанта, иако ризикот од појава и ширење на овој вирус во земјата е оценет како исклучително низок. Ова е заклучокот од последната седница на Комисијата за заразни болести, на која детално се разгледуваше состојбата со појавата на глобален кластер на оваа специфична варијанта на вирусот.
Институтот за јавно здравје веќе располага со сите потребни лабораториски реагенси за детекција на хантавирусот, како и со стандардизирани оперативни процедури за негова брза и точна дијагностика. Воедно, Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби има обезбедено соодветни капацитети за третман на евентуални пациенти, вклучувајќи ги и капацитетите за интензивна нега, механичка вентилација и респираторна поддршка.
Од Комисијата појаснуваат дека андес варијантата е специфична по тоа што, за разлика од останатите типови на хантавирус, може да се пренесува од човек на човек при подолг и близок контакт. Сепак, епидемиолозите смируваат и нагласуваат дека овој пренос воопшто не е брз ниту лесен како кај класичните респираторни вируси, вклучувајќи го и коронавирусот, поради што нема простор за паника во јавноста.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата