Чуварската служба на ЈП „Охридски Комуналец“ спречила обид за палење кабли на депонијата „Буково“, откако затекнала лица кои неовластено влегле во просторот на депонијата.
Како што соопшти ЈП „Охридски Комуналец“, чуварската служба веднаш реагирала и ги предупредила лицата да го напуштат просторот, но тие одбиле да постапат по наредбата.
Поради нивното противење и неовластеното присуство, случајот бил пријавен во СВР Охрид, чии припадници постапиле по пријавата и ги отстраниле лицата од просторот на депонијата.
Според сознанијата од терен, лицата биле затекнати при активност поврзана со палење кабли, што претставува опасност од предизвикување пожар на депонијата.
Од ЈП „Охридски Комуналец“ оценуваат дека благодарение на брзата реакција на чуварската служба и навременото постапување на СВР Охрид била спречена можноста за понатамошно дејствување и потенцијално предизвикување пожар.
Оттаму апелираат до граѓаните да не влегуваат неовластено во просторот на депонијата и да не преземаат активности со кои може да се загрозат безбедноста на депонијата, вработените и животната средина.
Полицијата се огласи со соопштение по случајот, притоа посочувајќи дека се работи за лицата Ф.А. (27) од Кавадарци, Е.И. (31) од Штип и Е.Н. (38) од Струга. Тие биле приведени синоќа околу 19:30 часот на депонијата „Буково“. При интервенцијата во близина на депонијата, полициските службеници од СВР Охрид забележале и товарно моторно возило „Ивеко“ со струшки регистарски ознаки, натоварено со кабли и друг материјал.
По целосно документирање на настанот, против лицата ќе биде поднесена кривична пријава по член 288 од Кривичниот законик – „предизвикување општа опасност“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата