logo
logo
logo

На денешен ден: Бугарите во Дабница убија 18 македонски патриоти, а балистите го запалија Беличица

Vecer | 19.09.2026

На денешен ден: Бугарите во Дабница убија 18 македонски патриоти, а балистите го запалија Беличица

На денешен ден во поблиската и подалечната историја на Македонија се случиле повеќе настани, меѓу кои тортурата и убиството на народниот херој Рампо Левков – Левката, како и масакрот на 18 македонски патриоти во прилепско Дабница, од страна на бугарскиот окупатор во 1942 година.

Две години подоцна гостиварско Беличица во 1944 година беше опколено од балистите, селото беше запалено, заедно со 17 жители на селото. Во нерамна борба на 35 партизани против 300 добро вооружени балисти загинаа народните херои Тодор Циповски – Мерџан и Ѓоце Стојчевски – Амбарче.

На 19 септември 1942 година во околината на Прилеп, по тешка тортура од страна на бугарската полиција, убиен е со фрлање во варџилница Рампо Левков – Левката, народен херој на Југославија, од Македонија. Роден е во Прилеп, на 9 јануари 1909 година.

На денешен ден во 1942 година кај селото Дабница, во месноста Дабнички Завој, Прилеп, бугарскиот окупатор на подмолен начин масакрира 18 македонски патриоти. Единствено успеаја да се спасат Петко Велкоски и Тоде Ристески – Келешот. Се случи да има живи сведоци меѓу масакрираните, за да раскажат што се случило.

На 19 септември 1944 година селото Беличица, Гостиварско, беше опколено од околу 300 добро вооружени балисти во моментот кога во него престојуваа 35 борци на Третиот партизански одред, вооружени само со два пушкомитралеза и со неколку пушки.

Во нерамноправната борба животот го загубија 21 партизан, меѓу кои и Тодор Циповски – Мерџан, народен херој на Југославија, од Македонија (роден е во селото Беличица, во 1920 година) и Ѓоце Стојчевски – Амбарче, народен херој на Југославија, од Македонија (роден е во селото Беличица, во 1919 година).

Притоа балистите го запалија селото, а во огнената стихија беа фрлени и изгореа 17 жители од селото.

На денешен ден во 1914 година во Софија е убиен Стефан Јакимов Дедов, македонски деец, основач на македонскиот читателски клуб во Белград, во чии рамки го издаваше весникот „Балкански гласник“.

Дедов во Софија работеше на весниците „Балкан“ и „Курир“, беше член на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург и коавтор, заедно со Мишајков на Меморандумот на руската влада, прва македонска националноослободителна програма. Роден е во Охрид, на 28 октомври 1869 година.

(Денешен)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk