Министерството за внатрешни работи планира да постави камери за мерење на брзината во полициските возила, кои ќе можат да детектираат прекршоци и додека се во движење. Ова го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, посочувајќи дека паралелно ќе се набавуваат и мобилни камери за критичните сообраќајни точки.
Тошковски објасни дека анализите покажале оти поставувањето камери само на однапред определени локации нема да обезбеди доволно превентивно дејство. Според него, возачите треба да бидат свесни дека можат да бидат откриени при прекршување на сообраќајните правила на која било локација.
Затоа, предлогот на експертите е постојните полициски возила да се опремат со камери што ќе можат да ја мерат брзината во движење. Дополнително, во план е набавка на мобилни камери што ќе се поставуваат на таканаречените црни точки, каде што најчесто се случуваат сообраќајни несреќи со загинати и тешко повредени лица.
Министерот најави и интензивна работа на утврдување на сите критични сообраќајни точки во Македонија, како во градските средини, така и на магистралните и експресните патишта.
Осврнувајќи се на критиките за проектот „Безбеден град“, Тошковски ги повика граѓаните да имаат предвид дека во изминатите 15 години во сообраќајни несреќи загинале повеќе од 2.000 луѓе.
Тој порача дека активностите нема да завршат со поставувањето камери, туку ќе продолжат и во други области поврзани со подобрување на безбедноста во сообраќајот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата