Според тоа што го коментира опозицијата, претпоставувам дека кај нив работи Фројд. Тие мислат дека како што тие се однесуваа кон државата и кон граѓаните – лажејќи, ограбувајќи и понижувајќи ги, така и сите се однесуваат, истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за дата центрите и обвинувањата на опозицијата дека договор се прави „под маса“.
-Ние немаме намера како Влада, а тоа сме го покажале во овие 25-26 месеци, ништо да правиме под маса. Добро знаете дека секоја странска инвестиција или инвестиција која што е стратешка ја објавуваме јавно, транспарентно и тука нема никаква дилема да има. Тоа што го слушам овие 2-3 дена се обидувам како инженер да не го коментирам бидејќи тоа што го слушам претставува тотална невистина, незнаење и непознавање и понекогаш и се срамам што тие луѓе кои ги испраќаат овие пораки имаат политичка тежина и водат политички партии. Нема да навлегувам во суштината бидејќи мислам дека не заслужуваат суштински одговор на техничко ниво бидејќи манифестираат тотално непознавање, рече Мицкоски.
Премиерот порача дека остануваат на таа стратегија како Влада.
-Замислете, да не е вештачката интелигенција или податочните центри или дата центрите, како би изгледал денеска БДП на САД. Зарем Амазон, Спејсекс, Опен АИ, мултинационални глобални компании чии што бреднови тежат трилиони, илјадници милијарди, би постоеле денеска ако на било каков начин тие ги добиваат квалитетот на животот на граѓаните под знак прашање. Апсолутно остануваме на таа стратегија како Влада, овие проекти се во таа насока, да преку гас се изградат гасни централи кои ќе произведуваат електрична енергија која подоцна ќе се користи во овие дата центри, вели Мицкоски.
За проектот во Пехчево, премиерот вели дека станува збор за приватна иницијатива и тоа е предлог на нацрт-урбанистички план.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата