Вицегувернерите на Народната банка, Ана Митреска и Игор Величковски, денеска дадоа свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши, со што официјално стапија на функциите.
Собранието вчера ги избра Митреска и Величковски за вицегувернери на Народната банка со мандат од седум години, по предлог на гувернерот Трајко Славески.
Ана Митреска е реизбрана за втор мандат на функцијата вицегувернер, откако првпат беше именувана во октомври 2018 година. Таа е магистер по монетарна економија и има повеќе од 25 години работно искуство во Народната банка. Во текот на својата кариера, Митреска има дадено значаен придонес во областа на макроекономските анализи, среднорочните проекции и истражувачката дејност, а активно учествувала и во комуникацијата со меѓународните финансиски институции и агенциите за кредитен рејтинг. Таа е авторка на повеќе научни и стручни трудови од областа на монетарната и фискалната политика.
За вицегувернер е избран и Игор Величковски, долгогодишен истакнат професионалец во областа на платните системи и финансиските пазари. Тој е доктор по монетарна економија на Универзитетот во Стафордшир, во Обединетото Кралство, и повеќе од 30 години е дел од Народната банка. Пред изборот за вицегувернер, Величковски ја извршуваше функцијата директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи, каде што бил вклучен во клучни реформи за модернизација на платната инфраструктура, како и во процесот на приклучување на земјата кон Единствената европска област за плаќања – СЕПА во 2025 година.
Со давањето на свечената изјава, Митреска и Величковски и формално ги преземаа своите должности во раководниот тим на Народната банка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата