Во храмовите на Кумановско-Осговската епархија, Охридска архиепископија, манастирот посветен на Свети Јоаким Оосговски и храмот на Пресвета Богородица, сè е подготвено за торжествено чествување на претстојните празници, Успение на Пресвета Богородица, 28 август и 29-ти, денот на светиот Јоаким Осоговски, пустиножител и чудотворец од 11 век, светец – закрилник на Крива Паланка.
Од епархијата упатија покана до верниот народ по повод претстојната манастирска слава, за присуство на празничните богослужби и чествувања во манастирот, кои почнуваат утре наутро и траат сè до 29 август 2026 година.
‒ Во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ торжествено ќе биде прославена манастирската слава, празникот Успение на Пресвета Богородица, на 28 август, и споменот на преподобниот Јоаким Осоговски, на 29 август. Манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, основан во 12 век, претставува едно од најзначајните духовни светилишта во овој крај. Неговата вековна историја е нераскинливо поврзана со подвигот на свети Јоаким Осоговски и почитувањето на неговите свети мошти, а во манастирскиот храм почиваат и моштите на свети Јоаким Крчовски, свештенослужител, просветител и игумен на Осоговскиот манастир. Древното осоговско светилиште и денес е место на молитва, благочестиво поклонение и духовна утеха, кое во празничните денови собира голем број верници и посетители, а ние ги покануваме верниците да присуствуваат на богослужбите и достоинствено и торжествено да ги честуваме празниците, се наведува во објавата од Кумановско-Осоговската епархија.
Честувањата почнуваат денеска на 27 август 2026 година, во 8 часот, со утрена богослужба и Света архијерејска литуρгија, а вечерта во 18 часот ќе се одржи празнична вечерна богослужба. Во петок, 28 август, денот на Успението на Пресвета Богородица, ќе се одржат утрена богослужба и Света архијерејска литуρгија со почеток во 7 часот, додека и попладнето во 18 часот е закажана празнична вечерна богослужба. На 29 август утрената богослужба ќе започне во 7 часот и 30 минути, по што следуваат света архијерејска литургија и благословување на славските лебови и водосвет во дворот на манастирот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата