ЃОРЃИЕВСКИ СО ГОЛЕМА НАЈАВА: Целосно опремен стан за жртви на насилство – недостапен за јавноста!

Vecer | 26.11.2026

ЃОРЃИЕВСКИ СО ГОЛЕМА НАЈАВА: Целосно опремен стан за жртви на насилство – недостапен за јавноста!
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Град Скопје ќе продолжи да отвора нови локации за привремено згрижување на жртвите на семејно насилство и во текот на наредната година. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави проширување на оваа поддршка, посочувајќи дека веќе е обезбеден целосно опремен стан во кој жртвите можат привремено да престојуваат на безбедна локација, недостапна за јавноста.

Ѓорѓиевски ова го истакна на денешната панел-дискусија во рамките на кампањата „16 дена активизам“, под мотото „Сплотени дејствуваме, одлучни против насилство“. Настанот е организиран од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Градскиот комитет на партијата и Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалникот нагласи дека обезбедувањето привремено сместување е првиот важен чекор во помошта за жртвите, но дека тоа само по себе не ги решава сите проблеми со кои се соочуваат.

– Првиот чекор што го направивме е да обезбедиме стан во кој привремено ќе бидат сместувани жртвите на семејно насилство. Мислам дека тоа беше добар чекор. Дали со тоа целосно се решаваат проблемите? Не се решаваат. Но, многу е важно во овој процес оние што се ранливи да знаат дека имаат на кого да се потпрат. Токму затоа, и во текот на наредната година ќе продолжиме со обезбедување повеќе вакви локации. Тие се недостапни за очите на јавноста, но се целосно опремени од страна на Град Скопје – рече Ѓорѓиевски.

Покрај привременото сместување, Град Скопје обезбедува и правна и психолошка поддршка за жртвите. Помошта опфаќа транспорт, логистичка поддршка, разговори со стручно лице и пакети со храна, со цел лицата кои се соочиле со насилство да добијат помош во различните фази од процесот на закрепнување и осамостојување.

Ѓорѓиевски посочи дека градот соработува и со невладини организации кои обезбедуваат услуги за жртвите на семејно насилство, за кои издвојува финансиска поддршка. Истовремено, преку контакти со приватни компании се работи на нивно вклучување на пазарот на трудот, што треба да им помогне да изградат услови за понатамошен самостоен живот.

– Не е доволно само некого да згрижите и да му обезбедите привремено сместување. Како Град Скопје обезбедуваме и правна и психолошка поддршка, нешто што го воведовме како новина, а за жал, години наназад не беше практика во градот. Третиот чекор е да остваруваме контакти со приватните компании за вклучување на жртвите на семејно насилство на пазарот на трудот. Тоа е заокружен процес – од првичната помош, транспортот, логистичката поддршка и разговорите со стручно лице, до обезбедувањето пакети со храна и помошта за нивно вработување – посочи Ѓорѓиевски.

Според најавата на градоначалникот, поддршката ќе продолжи да се проширува и во наредната година, со цел жртвите на семејно насилство да имаат пристап до безбедно сместување и конкретна институционална помош.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk