Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со политики насочени кон граѓаните со инвестиции кои треба да обезбедат подобар животен стандард и посигурна иднина и тоа најдобро може да се види проекцијата на Буџетот за 2027 година, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Рекордни 123,8 милијарди денари (2 милијарди евра) се предвидени за исплата на пензии за следната година, односно 5,6 милијарди денари повеќе во споредба со 2026 година.
За социјални надоместоци се планирани 14,3 милијарди денари.
Здравството останува една од клучните области во Буџетот за 2027 година, при што за здравствена заштита се предвидени 58,7 милијарди денари, што е зголемување за 2,8 милијарди денари во однос на претходната година.
За медицинска опрема се издвоенво и 198 милиони денари, што претставува зголемување од речиси 54%, а од нив, 115 милиони денари се наменети за набавка на нови медицински возила, додека 65 милиони денари се предвидени за новите клинички центри во Скопје и Штип.
„За Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ инвестициите во образованието претставуваат инвестиции во иднината на државата, затоа во Буџетот за 2027 година предвидува повеќе средства за подобрување на образовниот процес, ученичкиот и студентскиот стандард, како и за модернизација на образовната инфраструктура. Средствата за основното образование се зголемуваат за 20 проценти и достигнуваат 2,4 милијарди денари, додека за средното образование се предвидени 2,5 милијарди денари, што е раст од над 12%. За ученичкиот стандард се планирани 696 милиони денари, а за студентскиот стандард 1,9 милијарда денари“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Паралелно продолжуваат и инвестициите во високообразовната инфраструктура, меѓу кои довршувањето на објектите на ФИНКИ и изградбата на нов објект за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
Особено значајно е зголемувањето на средствата за изградба, опремување и одржување на градинките, за што во 2027 година се предвидени 83,2 милиони денари, што е зголемување од 380% во однос на 2026 година.
„Овие бројки покажуваат дека и со Буџетот за 2027 година Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со политиките насочени кон потребите на граѓаните и создавање услови за подобар животен стандард, за пензионерите да имаат сигурност и достоинствен живот, семејствата да добиваат поголема поддршка, пациентите поквалитетна здравствена заштита, учениците и студентите подобри услови за образование, а младите повеќе можности својата иднина“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Од почетокот на мандатот Владата преку конкретни мерки и проекти јасно покажа дека младите се еден од главните приоритети. Се создаваат подобри услови за образование, се унапредува студентскиот стандард и се отвораат нови можности за вработување, самовработување и професионален развој.
„Една од актуелните мерки е воведувањето на студентската картичка, која ќе им овозможи на студентите низа поволности, вклучително и 20% пониски цени за услугите што ќе ги користат преку апликацијата М-услуги. Надлежните институции работат координирано на реализација на оваа мерка, за која ќе биде обезбедена соодветна законска рамка со цел студентите да добијат дополнителни бенефиции и поддршка, освен усогласувањето на студентскиот оброк со инфлацијата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Поддршката за студентите не започнува и не завршува со студентската картичка. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ веќе реализираше низа мерки за подобрување на студентскиот стандард и унапредување на условите за образование, се додава во соопштението.
„Преку доделувањето на 55.000 ваучери во вредност од 250 евра за набавка на електронски уреди, на студентите им беше овозможен полесен пристап до современа технологија и дигитални алатки. Паралелно се инвестира и во подобрување на условите за сместување на студентите, при што реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје беше пуштен во употреба во септември годинава, со капацитет за сместување на 1.150 студенти, а во тек е и реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, инвестиција вредна околу 10 милиони евра“, соопшто партијата.
Проектот е дел од пошироката програма за реконструкција на девет студентски домови низ државата и се очекува студентите да можат да се вселат од први февруари наредната година, а домот ќе располага со капацитет за 280 студенти, се додава во соопштението.
„Дополнително, започнат е процесот на дигитализација на универзитетите и воведување електронски индекс, со што се прави чекор кон поефикасно, подостапно и помодерно високо образование. Поврзувањето на младите со пазарот на трудот преку стекнување практични знаења и работно искуство е важен сегмент од младинските политиките, за што во август и септември годинава беше реализирана мерката „Месеци на практикантство“, преку која студентите имаа можност своето академско знаење да го применат во пракса, работејќи директно во општините. Од друга страна во 2025 година, преку Оперативниот план за вработување, за првпат беа воведени таргетирани мерки за младите во рамки на Програмата за самовработување со грант, преку која беа отворени речиси 2.200 нови правни субјекти. Поддршката преку Оперативниот план за вработување продолжува и годинава и тоа во вредност од 40 милиони евра, кој опфаќа над 10.000 лица. Од вкупниот износ, 32 милиони евра се наменети директно за мерки за вработување со посебен фокус на младите до 29 години и опфат од 6.000 лица. Целта на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е младите да имаат можности, сигурност и подобра иднина, затоа останува посветена на политики кои носат конкретни придобивки за студентите и младите, подобри услови за образование, поголема економска независност и реални перспективи за професионален развој.“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата