Од вчера, Општина Тетово ги блокираше сметките на физичките и правните лица кои не ги подмириле обврските кон општината.
Од Општина Тетово велат дека сметките се блокирани на сите физички и правни лица кои не ги подмириле обврските до 2025 година. Според Нуредин Деари од Секторот за финансии, долгот на граѓаните кон општината изнесува околу 300 милиони денари (околу 5 милиони евра), а со оваа постапка околу 150 милиони денари (околу 2,5 милиони евра) се предадени на извршителите.
„По повиците и доставувањето на решенијата за извршување, сега започна и реализацијата, ефектот е задоволителен. Блокирањата се направени за компании, компании кои не ги платиле таксите за фирма и за физичките лица кои не го платиле данокот на имот до 2025 година. Вкупниот износ е над 300 милиони денари, по сите обврски што ги имаат компаниите и граѓаните, физичките лица. Но, во постапка, во постапка сега се некаде околу 150 милиони денари“, вели Нуредин Деари.
Од 1 октомври Општина Тетово почна со постапките во врска со неплатените обврски за данок на имот и комуналната такса за фирма.
Од Општината уште во септември упатија повик – сите граѓани кои имаат неплатени обврски да ја проверат својата состојба и навреме да ги извршат плаќањата. Потенцираа дека со навременото плаќање на обврските граѓаните ги избегнат понатамошните постапки предвидени за случаи на неплатени долгови.
Градоначалникот Биљал Касами апелираше граѓаните да ги платат обврските за да може општината да ги врати долговите.
„Апел до сите граѓани кои немаат платено данок на имот во 2024 и 2025 година да ја реализираат таа обврска, затоа што во следните денови, подготвуваме процедура и за присилна наплата. Затоа значи да не дојде до присилна наплата ги замолуваме сите граѓани да ги реализираат нивните обврски кон општината за данок на имот за претходните години“, истакна тогаш Касами.
На новинарско прашање каква е состојбата со долговите на Општината, Касами тврди дека е при крај со исплаќањето.
„Во делот на плаќање на останатиот долг веќе имаме склучено договор за одложено плаќање на делот од долгот со Министерството за финансии и со околу 4 компании, од кои е поголемиот дел од долгот. Останува околу 3 милиона кои ќе се реализираат преку извршители преку извршување, ние работиме да тој се плати во наредните 2 до 3 месеци, за да конечно Општина Тетово излезе од извршители“, истакна Касами во септември.
Граѓаните за информации за данок на имот може да се обратат во канцелариите 44 и 47, како и преку електронските услуги: e-Даноци (https://edanoci.mk), апликацијата TeKLIK (https://www.teklik.mk) и веб-страница на Општина Тетово (https://www.tetova.gov.mk)
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата