logo
logo
logo

Брисел официјално предложи

Да нема вето во преговорите за членство во ЕУ - ПОСТЕПЕНА ИНТЕГРАЦИЈА НАМЕСТО „ОБРАТНО ЧЛЕНСТВО“

Vecer | 06.10.2026

Да нема вето во преговорите за членство во ЕУ - ПОСТЕПЕНА ИНТЕГРАЦИЈА НАМЕСТО „ОБРАТНО ЧЛЕНСТВО“

Европската комисија предлага нов модел за идното проширување на Европската Унија, кој за земјите-кандидатки, меѓу нив и Македонија, отвора можност за постепена интеграција уште пред полноправното членство.

Комисијата се определила за овој модел откако земјите-членки не ја прифатиле идејата за таканаречено „обратно членство“, според која кандидатот побрзо би станал формална членка на ЕУ, но дел од правата и придобивките би ги добивал подоцна, по исполнувањето на сите услови.

Во нов документ, Брисел сега предлага помалку простор за блокади во текот на преговорите и посилни механизми против назадување откако една земја ќе стане членка.

Новите насоки се содржани во документот „Подготовки за поширока Унија“, кој Европската комисија го објави денеска како предлог за дискусија за идното проширување.

Според предложениот модел, земјите-кандидатки би можеле да учествуваат во одредени политики на ЕУ пред формално да станат членки. Услов е претходно да ги исполнат критериумите за конкретната област.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос ја претстави новата реформа за проширување на Европската унија, преточена во документот „Подготовка за поширока Европа“.

Кос најави нова политика на ЕУ која најмногу ја засега Македонија – укинување на ветото во процесот на преговорите и оддалечување од одлучувањето во Унијата со консензус.

Сепак, ветото останува како можност на самиот крај на пристапниот процес, кога за самото пристапување на една земја и натаму ќе биде потребна едногласна одлука на сите членки.

Во име на Европската комисија, Кос предложи Европскиот совет „да се согласи на примена на гласање со квалификувано мнозинство за отворање на преговарачките кластери и за други меѓучекори во преговорите за пристапување“, но нагласи дека на крајот секоја актуелна членка сепак ќе има право да стави вето.

Брза интеграција, но со продолжена контрола

Друг клучен сегмент од реформата е воведувањето постепена интеграција во ЕУ, што ќе значи постепено вклучување на земјите кандидатки во придобивките од членството во ЕУ, првично во единствениот пазар, а потоа и во други политики на Унијата.

Кос порача дека постепената интеграција нема да биде замена за членство и дека ќе има два клучни услови за напредок – прогрес околу реформите и усогласеност со стратегиските цели и политики на Унијата како нов услов.

Посебни заштитни мерки се предвидуваат во три области: економијата, внатрешниот пазар и правдата и внатрешните работи.

Процесот, како што најави еврокомесарката, нема да оди само напред, туку и назад, односно ќе има повеќе заштитни мерки за земјите кандидатки што ќе назадуваат во владеењето на правото, почитувањето на човековите права или прават сериозни прекршувања на Членот 4 на Договорот за ЕУ, кој предвидува меѓусебно почитување на територијалниот интегритет, национален суверенитет и идентитет, како и „пактот за ненапаѓање“ на ЕУ.

За тие што ќе покажат сериозни кршења на овие услови предвидено е кратење на финансиската помош дури и ако станат полноправни членки, одземање на гласачките права, а воедно и забрана како нови членки да ставаат вето за прием на други кандидатки за влез во Унијата.

Полесното интегрирање би било придружено со посилни механизми за заштита на Унијата доколку новопримената членка подоцна отстапи од преземените обврски.

Слични механизми постоеле и во претходните договори за пристапување, но можеле да се активираат најмногу три години по приемот. Според извори од Европската комисија, сега се разгледува тој период да биде продолжен на 10, па дури и на 15 години.

Дополнително се предлага нов механизам за случаи на сериозно прекршување на основните европски вредности и на принципот на искрена соработка. За негово активирање не би била неопходна согласност од сите земји-членки.

Oграничени субвенции за Украина

Новиот документ доаѓа пред објавувањето на Пакетот за проширување на ЕУ за 2026 година, најавен за 28 октомври. Во него Европската комисија ќе ги претстави извештаите за напредокот на земјите-кандидатки.

Посебни планови со пробни рокови за различните фази од пристапувањето се подготвуваат за четирите кандидати кои во моментов се најнапред во процесот: Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, под услов да го задржат реформскиот моментум.

За Украина се предлага и посебен пристап во земјоделството. Таа би имала ограничени земјоделски субвенции и ограничен пристап за чувствителни земјоделски производи, со цел да се заштитат производителите во земји како Франција и Полска.

Предложените промени во методата, доколку бидат прифатени од земјите-членки, би се однесувале и на идниот тек на македонскиот пристапен процес.

Кос на крајот нагласи дека не сакаат да создадат ЕУ со две брзини туку сакаат земји членки во кои ќе има целосно владеење на правото.

Во документот што го претстави Кос меѓу другото пишува дека „земјите опфатени со процесот на проширување мора да воспостават функционални демократски институции и независни и ефикасни правосудни системи, да спречуваат и гонат корупција, да ги почитуваат основните права (вклучително недискриминацијата, родовата еднаквост и правата на припадниците на малцинствата), да ја штитат слободата и плурализмот на медиумите и да одржуваат ефикасен систем на проверки и рамнотежа на власта.

Покрај тоа, ревидираната методологија за проширување од 2020 година бара активностите за борба против корупцијата да бидат интегрирани преку силен фокус во релевантните преговарачки поглавја, а законодавните и институционалните реформи мора да дадат веродостојни резултати“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk