Невремето што вечерва го зафати Скопје предизвикало проблеми и во авиосообраќајот, а летот на „Еделвајс“ од Цирих кон македонската престолнина бил пренасочен кон Приштина.
Авионот полетал од Цирих околу 18 часот и според планираниот распоред требало да слета на Меѓународниот аеродром Скопје околу 20 часот.
Поради неповолните временски услови, авионот не успеал да слета во Скопје. По околу 20 минути кружење, пилотот донел одлука летот да биде пренасочен кон аеродромот во Приштина, каде што авионот слетал.
Според информациите, голем дел од патниците во авионот се македонски државјани.
Засега нема информации за проблеми со патниците, а причината за пренасочувањето, според објавените информации, биле временските услови во Скопје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата